Фашистичка администрација

И сега, кога ќе дојде Каракачанов од бугарското ВМРО со инженерискиот полк и кога Захариева ќе нѐ соочи со историјата, ќе излезе дека тукашните партизани всушност биле незадоволни од администрацијата. Бугарскиот цар Борис не го молел Хитлер да му ја даде Македонија за да ја окупира, туку да ја администрира. Му рекол: „Слушај, вие Германците појма немате од администрација, ние Бугарите имаме подобри администратори“.

Така што, 66-те народни херои од Македонија не се бореле против фашистичките окупатори. Се бореле за ефикасна и модерна администрација. На спомениците на загинатите борци за слобода ќе пишува: „Загина во битка со бугарските администратори“. На спомен-костурниците на партизаните ќе пишува: „Смрт на администрацијата, слобода на народот“. Бугарски администратор го фрлил Цветан Димов од четврти кат на полициска зграда. Мирче Ацев и Страшо Пинџур ги умреле од обука за администрирање. Оти, колку била ем ефикасна, ем транспарентна бугарската администрација се покажало во 1942, кога администраторите ја шетале отсечената глава на Невена Георгиева-Дуња низ велешките села да му покажат на населението што значи добро владеење. Ваташките младинци не биле стрелани. Ги администрирале. И македонските 7.144 Евреи не биле насилно собрани и депортирани во Треблинка во март 1943. Биле предадени на Германците за понатамошно администрирање. И „праведниците меѓу народите“ на кои Израел им дал признание дека ги ризикувале своите животи за да ги спасат битолските Евреи, не ги спасувале своите сограѓани од депортација во логорите на смртта, туку ги спасувале од бугарската администрација.

И што сега? Европската унија поради својата пасивност и тромавост ќе прифати откажување од антифашизмот и негирање на холокаустот? Па ако е така, тогаш не е ни важно дали Македонија ќе ги почне преговорите со ЕУ. Оти „браќата Бугари“ ги разнишуваат темелните европски вредности. А ЕУ ќе им биде соучесник во тоа.

Велат дека треба да најдеме компромисно решение. Е па еве: Тие викаат дека биле администрација. Ние викаме дека биле  фашисти. Па на таблите нека пишува: фашистичка администрација.

Целата колумна на Горан Михајловски на „СДК“ на следниот линк.

Back to top button
Close