Фатен ланате трујач во Тиквешијата, го признал делото!
Од здружението за заштита на животните ,,Спаси живот, добиј живот, помогни им на животните” Кавадарци, известуваат дека конечно е фатен ланате трујач и истиот го признал делото.

Појаснуваат дека станува збор за последното труење од минатата недела во населбата Глишиќ, кога во агонија и страшни болки умре маалското куче Белка, од ланате ставено во салама.
-По пријава од активист за заштита на животните, полицијата излезе на терен, и од кримтехника земени се примероците кои трујачот ги искористил за труење.
Денес Јавното Обвинителство не информира дека сторителот е пронајден и делото го признал во полициска станица.
Се работи за лице на возраст од 32 години, од истата населба.
Против него се водат две кривични дела.
Постапката е во тек, и ние како заштитници за благосостојбата на животните ќе ја следиме целата постапка, се до главната пресуда- истакнаа од здружението.
Велат дека се надеваат и веруваат дека овојпат надлежните ќе изречат казна според законот за стореното кривично дело и сторителот ќе ја добие заслужената казна, за труењето со ланате никогаш да не се повтори и случајот да биде поука за сите кои некогаш ќе помислат да расфрлаат отров, да предизвикаат мачна смрт на невини животни, но и да предизвикаат општа опасност, загрозувајќи ги животите на целата заедница.
-Голем апел упатуваме до сите граѓани, кои ќе наидат и видат било каков случај што е закана по живот и за животните и за луѓето веднаш да пријават во полиција.
Исто така испраќаме порака до оние кои ќе се осмелат да трујат, да исфрлаат цели легла на новородени мачиња, кучиња, исто и напуштање на миленици или малтретирање, дека бурно ќе реагираме и ќе бидете пријавени, по што ќе ви следува кривична постапка и ќе бидете казнати по закон-порачаа од здружението.
Од обвинителството за ,,Фокус” го потврдиле настанот, како и дека трујачот го признал делото. По комплетирање на сите материјали ќе следела соодветна постапка.






