Филипче: Медицинските сестри во Инфективна клиника се исцрпени и затоа дошло до комуникација на повисок тон
Министерот за здравство Венко Филипче, на брифинг со новинарите зборуваше за отказите кои 3 медицински сестри ги дадоа од Клиниката за инфективни и фербилни болести. Тој рече дека сосема ги разбира, и дека се исрцпени, а тоа довело до комуникација на повисок тон, пренесува ТВ21.
„Од почетокот на оваа криза, здравствените работници, сите и доктори и сестри, лаборанти, техничари покажаа што значи да се има капацитет, добро да се менаџира ваква криза, каква што никоја земја не ја очекуваше. Ваква криза на површина вади многу проблеми, и со тоа се соочивме од почетокот на кризата.
Утрово се сретнав со медицинските сестри, тоа се едни од најискусните на клиниката за Инфективни болести, сега во 14 часот ќе имам средба со другите. Тоа се медицински сестри кои се присутни од кога постои зградаа, и претхно во бараките, кои посветено и пожртвувано се борат од почетокот на кризата со коронавирусот.
Свесен сум дека работат под притисок, дел од нив се исцрпени, често работат во 24 часа, и една стресна ситуација доведува некогаш и до немили ситуации како што бил случајот сега, комуникација на повисок тон. И утрово ми кажаа дека сега апслоутно сите жалат.
Ќе направам се да не дозволам било кој од јавното здравство да замине поради проблем кој може да менаџира. Се сложија дека ќе го искористат одморот, а потоа ќе се договориме за начинот на кој ќе бидат вклучени во битката со коронавирусот.
Разговаравме отворено за сите проблеми, истакнаа дека немаат друга алтернатива. Ги прашав дали планираат да одат во приватна клиника, рекоа дека таква работа не планираат. Бидејќи ако така одлучиле, тогаш ние не можеме да се мешаме. Но, после годишните одмори, ќе разговараме повторно во обид да најдеме заедничко решение, и за начинот на кој ќе бидат вклучени во битката против коронавирусот.“, рече Филипче.