Филипче: Мисијата на Кирил и Методиј има непроценлива улога, нашата е да го чуваме македонскиот јазик и да обезбедиме европска иднина

„Денеска го одбележуваме 24 Мај – Денот на сесловенските просветители, Светите браќа Кирил и Методиј, основоположниците на словенската писменост и духовност.
Мисијата на браќата Кирил и Методиј има непроценлива улога во промовирањето на стремежот за еднаквост на народите и рамноправност на јазиците, но и во создавањето на македонската писменост. Горди сме што нивното просветителско и духовно наследство е длабоко поврзано со нашата татковина, со Охрид како еден од најзначајните центри на словенската писменост.
Со создавањето на глаголицата, а потоа и преку продолжувањето на нивната мисија од страна на нивните следбеници, меѓу кои и Свети Климент Охридски, е создадена кирилицата, која е основа за стандардизација на македонскиот јазик и писмо.
Денес кога се шират измислени и лажни закани за македонскиот јазик и идентитет, важно е да потсетиме дека никој не може да го загрози она што е меѓународно потврдено. Благодарение на државничките одлуки на СДСМ, македонскиот јазик е признат и рамнправен во Европската Унија. Македонскиот идентитет е потврден. Тоа се факти кои не може да ги избрише ниту една дневнополитичка манипулација.
Светите Кирил и Методиј нè учеа дека напредокот доаѓа преку знаење, просветителство и отвореност кон светот. Токму затоа нашата обврска денес е да го чуваме и унапредуваме македонскиот јазик, но и да обезбедиме европска иднина за младите генерации.
Нека е честит и вековит 24 Мај – Денот на сесловенските просветители, Светите браќа Кирил и Методиј!”






