Финска гради ограда: „Видовме што се случи во Украина“

До пред неколку години, Русите беа добредојдени гости во финскиот пограничен град Иматра. Денес таму расположението е сосема поинакво. По должината на границата со Русија се гради одбранбена инсталација во случај Москва да ги премести војниците на запад.

Финска долго време беше цел на хибридните напади на Москва, но сега работите стануваат уште посериозни. „Знаевме дека за Русите црвената линија беше нашето членство во НАТО“, рече Јуха Мартелиус, кој е заменик генерален директор за одбранбена политика во финското Министерство за одбрана. Тој додава дека сега се чека реакцијата на Москва откако пред седиштето на НАТО во Брисел се завиори сино-белото финско знаме.

 

Никој не верува дека новата ограда од 200 километри што Финска ја гради долж границата може да ја одврати воената инвазија на Русија. Ова не е целта на финската влада, која одлучи да ги зголеми своите капацитети за следење на оваа рута.

 

„Видовме што се случи со Украина“

 

Во последниве години, сите земји од ЕУ и НАТО кои граничат со Русија или Белорусија беа подложени на силен миграциски притисок директно организиран од Москва. Летонија, Литванија и Полска доживеаја најголема ваква криза во 2021 година, а истото се случи во 2015-2016 година долж финската граница во Лапонија.

Војната во Украина не беше директна причина, но дефинитивно даде поттик на одлуката за оградата. „Видовме што направи Русија во Украина, по почетокот на оваа војна се е можно“, вели Мартелиус. Според него, луѓето во Финска дошле до заклучок дека односите со Русите во моментов се на нула. „Не е важно каков ќе биде крајниот резултат во Украина: во иднина ќе имаме сосема поинакви односи со Русија“, вели тој.

Градот Иматра е најблиската населба до почетокот на оградата. Градоначалникот Матијас Хилден признава дека луѓето не се ентузијасти за проектот, но мора да го трпат. Малку е тажно што ни треба ограда“, изјави градоначалникот за ДВ.

Едно време Русите беа добредојдени

Тој објаснува дека до пред десет години никој не бил изненаден кога слушал руски јазик во продавниците или спа-центрите, а автомобилите со руски регистарски таблички биле вообичаена глетка на улиците на градот, кој е на само 7 километри од границата. „Во тоа време, секој втор продаден имот одеше кај руски купувач, а краткорочните руски туристи носеа сигурен приход во продавниците.

Градоначалникот објаснува дека поради мерките против пандемијата, некои од овие продавници биле принудени да затворат, а забраната за влез на руски туристи по почетокот на војната против Украина го уништила бизнисот на повеќе трговци. Да се ​​слушне руски говор во градот денес – ова сигурно ќе предизвика моментален напад на сомнеж. И никој не се надева дека ќе се вратат пријателските односи, вели градоначалникот. „Добро е да се подготвиме дури и за можните опасности што не очекуваат во иднина“, додава тој.

Вилијам Денисиук долго време живее во Иматра и за ДВ изјави дека другите сограѓани имаат уште пострашни претчувства, па дури и за можна руска воена инвазија. „Луѓето се нервозни“, вели Вилијам, зборувајќи за своите пријатели кои никогаш не се грижеле за својата иднина овде, но сега одеднаш размислуваат дали да инвестираат во имот што може да заврши во странски раце за една година. И тој потсетува што се случи во Донбас, чиј голем дел Русија го окупира под изговор дека ги штити правата на големото рускојазично население таму.

 

„Мора да бидеме подготвени“

 

Руска инвазија – ова изгледа како неверојатно сценарио за Финска во моментов, но дури и Јуха Мартелиус од Министерството за одбрана изгледа загрижен. Пред војната, вели тој, „знаевме дека Русија е подготвена да употреби воена сила како последно средство. Сега знаеме дека Русија е подготвена да употреби воена сила не само како последно средство“.

За изградба на оградата мора да се исече малку од шумата. Луѓето долж границата работат под надзор на полковникот Мика Ритконен, командант на финската гранична стража. Според него, во моментов нема знаци дека Русија планира каков било вид напад врз Финска – или барем не „во многу, многу блиска иднина“, како што вели полковникот.

Во исто време, тој останува внимателен: „Но, дали некој знае што ќе направи Русија во иднина? Јас лично не знам. Мора да бидеме подготвени“.

Back to top button
Close