Foreign Policy Penetration  

Привиот МНР на РМ, Денко Малески пред католички Божиќ, без дипломатска аргументација напиша дека после непишманетиот поранешен премиер З.Заев “веќе нема продори во надворешната политика и следува време на бесмислено копање ровови кои не значат ништо”. Англискиот збор “penetrate”, односно именката “Penetration” неретко се применува во дипломатската коресподенција, најчесто како изветвена флоскула за продлабочување, а со тоа и проширување на односите, се разбира, помеѓу субјектите на меѓународното право. Инаку ова беше омилен збор на еден од нашите поранешни министри за надворешни работи.

После кусата советничка функција (вон составот на кабинетот) на претседателот С. Пендаровски, првиот ни МНР, загрижен за иднината на македонската надворешна политика , после  дефинитивна  оставкана поранешниот премиер З.Заев, се обидува да го прикаже како распнат Христос на македонската голгота, со помош на крвожедната опозиција и “умислените ликови од МАНУ, поранешните претседатели на РМ, сопствената партија, неговите соработници, па дури и дел од народот во сопствената држава кој гласал на локалните избори за уставобранителите”. При набројувањето на виновниците за падот на ЗЗ, угледниот дипломат заборава дека самиот направи голема разлика меѓу локалните и парламентарните избори, со намера да го амортизира поразот на партијата што речиси една деценија ја предводеше З.З.

Со тоа искусниот дипломат невнимателно ја омаловажи и највисоката научна институција во РМ (чиј претседател е најцитиран македонски научник, додека Проф. Малески не e цитиран ниту еднаш), заслугите какви такви, на поранешните претседатели на државите (ги заборави и премиерите), а и соработниците на поранешниот премиер, кој самиот, по свој критериум, ги бирал и поставувал. Со право укажува дека посебно нетрпеливата опозиција и  јудите искариотски, односно неистомислениците во партијата која до вчера ја предводеше З.З., го предадоа бившиот премиер. Тоа е сосема нормална појава во демократскиот свет, нешто на што сите владетели сметаат и преземаат мерки за заштита, по теркот на Н. Макијавели.

А сега малку за атрибутите кои универзитетскиот професор ги користи во одбраната на делото на поранешниот премиер. Тоа се храброст и кукавичлук. И тука има право. Заев беше храбар ама без доволно подготвена дипломатска аргументација, на начин како што и првиот наш претседател беше храбар кога во матичната книга на новородени држави не запишаа како БЈРМ, што не значи ништо, а при тоа ни обелодени дека новото крстеното име ќе потрае неколку недели. Но, траеше речиси 30 години. Храбар човек не може да биде кукавица, па затоа никој нема право така да го доживува. Непримерно е еден самобендисан дипломат да ја спореди својата храброст поради која наводно  е прогласен за кукавица, со храброста и кукавичлукот кои некои му ја припишуваат на поранешниот премиер. Подостарените пратеници во тогашниот состав на Собранието, добро знаат поради какви аргументи на еден пратеник, Д.М. ја напушти седницата и даде оставка. Поради тоа Малески ја обвинува опозицијата која “бараше Заев да се појави во Собранието за да продолжи пирот на понижување”, нешто што и самиот го доживеал. Како сатисфакција за оставката стана наш амбасадор при ОН, институција чиј што статут, не го познаваше, или го пренебрегна, точно во време кога беше најпотребно (дополнителни услови за прием во ОН – член 4). Што се однесува до кукавичлукот на професорот, да го потсетам на неговите зборови упатени до благонаклонетиот му бивш претседател на РМ, Глигоров, “дека не може повеќе да издржи како МНР, бидејќи западните дипломати многу го лажеле, демек еден ден зборуваат вака, а вториот така”.

Вината за падот на З.З. не треба да се бара во анализа на неговата личност и човечките особини. Тој е жртва на транзициониот период кој сè уште трае кај нас и кој јас одамна го окарактеризирав како период на првобитната акумулација на капиталот, кој во меѓувреме се слеа во банкарскиот систем, значи легализиран без оглед во какви услови е создаден и по чија заслуга. Капиталот сега е регуларен, што на првите шерифи и ден денес им овозможува благосостојба и привилегии. Проблемот е што истиот систем важи и денес, но толеранцијата на ткн. меѓународна заедница не е иста.

Втора причина е времето кога дојде на чело на СДСМ, а тоа е период на ерозија на партијата кој започна со одлуката на тогашниот премиер Б.Ц. да не се кандидира за претседател, објавена за време на неговата посета на Софија што не е ниту малку дипломатски манир. Впрочем, Б.Ц. како претседател беше целосно незабележителен на надворешен план. СДСМ ,кога Заев ја презема, беше не само во финансиски колапс, туку и идеолошки, а и кадровски. Заев дојде од Струмица каде што беше успешен кмет и финансиски моќен претприемач, што му беше и главен аргумент да го преземе кормилото на партијата чиј чун полека пропушташе вода.

 

Во прилог му одеше и периклевиот период на поранешниот брокер од високо рангираниот универзитет од Прилеп (по Шангајската листа), сега граѓанин веројатно на Будим (адреса непозната). Начинот на кој давидкоперфилдски исчезна од земјата, зборува за неговите дипломатски ангажмани, односно приоритети, а и будноста на инволвираните институции на владата на Заев. Груевски едноставно мораше да падне како сув лист на есен, сам од себе. Сега тој лист е во фаза на ферментација и претворање во еколошко ѓубриво ,технологија за која секако ќе се залага новоформираната зелена партија која е ем демократска ем унија ем интеграција и чија единствена програма е останување на власт, што и успева, благодарејќи на спротивставувањата на двете најголеми политички партии кај Македонците. Начинот како тоа се постигнува е доведен до совршенство и сите три партии досега се задоволни, иако понекогаш маалски се обвинуваат замајувајќи го соголениот народ.

 

Премиерот  Заев одлучи да собира поени на меѓународен план, брзаше и се сопна како пиле во кочина. Нашите влади најдобро функционираа во период на наши политички кризи, кога меѓународната јавност треба да нè спасува. Во нормални услови, а такви речиси и да немало во РМ, нашите институции не функционираат. Се разбира дека З.З. стана премиер без никакво искуство во меѓународните односи, а згора на тоа се опкружи со дипломатски анонимуси, некои и увезени од соседството. На помош, и тоа од патриотски причини, за МНР на РМ дојде чиновникот од еден Хашки институт (кој пропадна поради корупциски афери), латинскиот заводник Н. Димитров. Иако наш најдобар дипломат, дури и по оценка на Заев, без никаква причина беше сменет и унапреден риџардовски (лавовско срце) во вицепремиер за европски интеграции, а сега се шпекулира дека би сакал да одмори во резиденцијата на македонскиот амбасадор во Вашингтон. За мотивите зошто МНР абдицираше од функцијата на МНР секако се разговарало и со најголемиот коалиционен партнер во владата на Заев, па беше избран абдоминален хирург. Сега во МНР владее вистинска бура која наликува на онаа шекспирова (најновите барања во 12 точки на Македонскиот дипломатски синдикат предадени до кабинетот на Османи пред неколку дена).

Професорот Малески чија што докторска дисертација гласеше “Корени на американскиот империјализам (за американската надворешна политика)“ во својот емотивен натпис го осудува претседателот Пендаровски кој е против брзање во решавањето на спорот со Бугарија, со што ги обесмислува храбрите обиди на Заев (а и на МНР Османи) да не заглавиме во ново грчко сценарио. Пак Професорот Малески ги меша поимите, без потребни дипломатски толкувања. Заедничко на договорите од Преспа и Софија е единствено истата суштинска намера кога е во прашање нашата држава. Мотивите се исти. Спонзорите различни. Жртвата е иста. Актерите на текстовите се познати, а и рецензентите. Грешките во двата случаи не одат на сметка на македонскиот интерес. Договорот за пријателство, е подметнато кукавичко јајце, а ние лежејќи на него си создадовме дополнителен проблем. Ние тие подвизи ги есапиме како храбри чекори. Без голема потреба. Не станува за храброст на некој лидер. Станува збор за неподготвеност да се преговара со аргументи и национален интерес. Нам тоа ни недостасуваше и во маратонското преговарање со Атина и во невнимателноста при потпишувањето на Договорот за пријателство со Софија.

Заев беше принуден да го потпише договорот во Преспа. Поради желбата да ја надмине опозиција во евроатлантските интеграции и така да ја зацврсти  својата позиција, а и поради личната желба да ја манифестира својата лојалност кон меѓународните фактори.

Притисокот од ДУИ не беше за занемарување, посебно за потпишувањето на Договорот со Софија, бидејќи за спорот со Грција, албанскиот фактор беше непотребно занемарен, така што во финишот на решавањето на проблемот со името, албанските челници често одеа до Атина. За другиот случај должен сум да потсетам дека своевремено челникот на ДПА А. Џафери во Софија се сретна со бугарскиот политички врв. Сегашниот МНР Османи е најоптимистички расположен дека проблемот наскоро ќе биде решен. Аргументите не ги соопштува. Шифрираното решение 5+1 не го објавува ниту во нашиот ткн. Парламент.

Експремиерот Заев не виде голема помош од нашата дипломатија за која тврдеше дека е најдобра до сега. Нашата дипломатија ништо не може да реши сама. Неука е. Нема од кого да учи. Ориентирани се само да заминат на гурбет, што подалеку од очите на менторите. Таму се најсигурни и заштитени. Ангажирањето на професорот по римско право само го намали угледот на Заев. И, она што е најважно, со претседателот Пендаровски немаше соодветна политичка соработка.

Не треба да се заборават и протоколарните грешки на поранешниот премиер. Во Германија своевремено е објавена книга за гафовите на сојузниот канцелар Х. Кол. Еден од експонентите на либералните умови кај нас, можеби ќе се досети, со помош на фондот за иновации, да издаде таква книга. Сцената во Тирана за време на последната средба на тројката Рама, Вучиќ, Заев, на која се гледа и слуша како Заев го кани Таче да се слика, требало да го најде своето место во книгата. Идниот премиер макар што не добил мандат од претседателот Пендаровски (вчера 29.о.м.) на Кале се сретна со американската амбасадорка Брнс, небаре таа ќе му избега до 17 јануари кога треба да ја превзема  функцијата премиер. Протоколот не е услуга. Протоколот е политика.

Глорификуван од меѓународните фактори за храбрите потези за потишаните договори во Преспа и Софија, до мера да и самиот поверува дека може да биде кандидат за добивање на Нобеловата награда, З.Заев ќе продолжи со својата политичка активност и ќе избере свој А. Груби како изведувач на работите. Можеби ќе се одлучи за пософистицирана активност како неговиот поранешен колега Т. Блер па ќе држи предавања и дава консултантски услуги за високи хонорари, користејќи го своето искуство во решавањето на споровите.

Ѓорги Мисајловски

Back to top button
Close