(Фото) Ова е наставничката по историја која со голи раце тргнала кон убиецот!


Во масакрот што се случи во средата наутро во основното училиште „Владислав Рибникар“ во Белград, тешко е повредена наставничката по историја Татјана Стевановиќ, која во тој момент држела настава.

Имено, училницата во која учениците го одржувале часот по историја се наоѓа веднаш до влезот, па учениците и наставничката веднаш го слушнале пукањето што се случило во ходникот, кога прво бил нападнат чуварот, а потоа и три ученички. Како што дознаваат српските медиуми, наставничката ја отворила вратата за да види што се случува.

– Момчето со пиштолот во рака се сврте и кон неа. Таа се обиде да го спречи и буквално со рацете отиде до пиштолот, претпоставувам дека сакаше да ги прекине истрелите во тој момент. Меѓутоа, ја погоди во раката и стомакот – велат очевидци.
Наставничката се однесуваше херојски, сакаше да ги заштити учениците, а тој нејзин потег веројатно спасил некои деца. Се претпоставува дека стоејќи на влезот од училницата и движејќи ги рацете кон пиштолот, наставничката им „купила“ време на учениците да се скријат и со тоа ја намалила трагедијата.

Тешко повредената наставничка со возило на Итна медицинска помош била пренесена во болница, каде била примена со уште тројца ранети ученици.

Директорот на Клиничкиот центар, д-р Милик Ашанин изјави дека тројца од четворицата повредени се целосно добро, дека се будни и дека лекарите разговараат со нив. Станува збор за двајца ученици и наставничката.

Што се однесува до четвртиот пациент, тој дојде со тешки, сложени, прострелни повреди на градниот кош, вратот и кичмата, имаше две операции. Подобро е, буден е, но мора да бидеме многу внимателни и свесни дека состојбата е критична. Денеска ќе имаме серија контролни прегледи и снимки за да ги видиме ефектите од операциите – изјави д-р Ашанин.

Back to top button
Close