Фото: Престижна карикатуристка направила карикатура со Џеф Безос, Вашингтон Пост одбил да ја објави, таа поднела оставка
Ен Телнес е карикатуристката на „Вашингтон пост“ и добитничка на престижната Пулицеровата награда. Таа поднесе оставка откако весникот одби да објави нејзина сатирична карикатура на која Џеф Безос (којшто е и сопственик на весникот), заедно со други медиумски и технолошки барони, клечи пред Доналд Трамп додека тој се подготвува за своето второ претседателство на САД.
„Имав повратни информации од уредници и продуктивни разговори за карикатури што ги поднесував за објава во минатото, но никогаш не ми беше забранета карикатура поради тоа кон кого или кон што сум одбрала да го насочам пенкалото“, напиша Телнес во петокот на платформата „Сабстек“, објаснувајќи ја својата одлука да поднесе оставка.
Во изјава објавена од „Њу Јорк Тајмс“, уредникот на рубриката од „Вашингтон Пост“ Дејвид Шипли, ја бранеше одлуката на весникот, велејќи дека не се согласува со нејзината „интерпретација на настаните“:
„Не секоја уредничка одлука е одраз на злокобна сила“, рече Шипли, кој во својата изјава додаде дека разговарал со Телнес и ја замолил да ја преиспита одлуката да си замине. „Мојата одлука беше водена од фактот дека штотуку објавивме колумна на истата тема како карикатурата и веќе беше закажана уште една колумна, исто сатирична, за објавување.“
Објавата на Телнес на „Сабстек“ од петокот содржеше скица од нејзината карикатура. Покрај Безос, карикатурата прикажуваше карикатури на основачот на „Мета“ Марк Закерберг, сопственикот на „Лос Анџелес Тајмс“ Патрик Сун-Шонг, и маскотата на компанијата „Волт Дизни“ – Мики Маус.
„Карикатурата … ги критикува милијардерите и технолошките и медиумски директори кои се обидуваат да му се додворат на … Трамп“, рече Телнес. „Иако не е невообичаено уредниците да се спротивстават на визуелни метафори доколку сметаат дека се нејасни или дека не ја пренесуваат правилно пораката, таквата уредничка критика не беше случај за оваа карикатура.
Да бидам јасна, имало случаи кога скици биле одбиени или биле побарани ревизии, но никогаш поради гледиштето кое е содржано во коментарот на карикатурата. Ова ја менува играта … и е опасно за слободниот печат.“ (Гардијан)