Франција ќе ни го реши спорот со Бугарија?

 

Познатиот став на Французите кон проширувањето, како и претседателските избори кои се на прагот, беа аргументот кој најчесто се истакнуваше во поткрепа на песимистичката прогноза дека Франција нема интерес за Македонија и за почеток на пристапните преговори. Конечно, француската политика отсекогаш била во прилог на продлабочување на односите меѓу земјите членки, во насока на некој вид европска федерација, а не толку во проширување со нови членки. Но, се додека Велика Британија беше таа која инсистираше на проширување, Франција можеше цврсто да се држи до својата позиција за продлабочување. По излегувањето на Велика Британија од  ЕУ, во отсуство на овој „балансер“, Франција е приморана  самата да ги балансира предностите од „продлабочувањето“ со оние од „проширувањето“. Имено, водечката земја на Сојузот мора да размислува за безбедносните импликации кои произлегуваат од недовршениот европски проект и сериозно да се позанимава со „мекиот стомак“ на Европа, Балканот. Оти, сеуште се слуша ехото на пророштвото на Бизмарк кажано во 1888 година: „Еден ден  Големата европска војна ќе се случи заради некоја проклета глупава работа на Балканот“. И повторно, безбедноста тој централен принцип во меѓународната политика е во прашање.  Како и во случајот со македонско-грчкиот спор, кога членството на Македонија во НАТО беше прогласено за безбедносно прашање за Америка, сега и Франција порачува, според зборовите на француската амбасадорка во Софија, дека „ Западен Балкан е дел од Европа и е прашање на безбедност регионот да биде вклучен во политиките на ЕУ“.

Искуството со Преспанскиот договор вели дека секогаш кога една голема сила ќе го спомне зборот „безбедност“, врзувајќи ја сопствената безбедност со онаа на Балканот, работите се сериозни. Франција, се разбира, само ќе им понуди на Македонија и на Бугарија посредништво во спорот, не и решение, но ова е понуда која ниту една страна нема да може да ја одбие. Каков ќе биде резултатот од таквото посредување е друга приказна. Целото искуство на балканските народи во конфликт укажува на тежок и неизвесен пат до согласност. Франција сака да го поттикне економскиот развој на Македонија и Албанија и да ја афирмира правната држава и европските вредности во двете кревки демократии. На тоа поле, нема сомневање ,ќе ја има поддршката како на двете држави така и на членката на Сојузот, Бугарија. Но, како гледаат француските политичари на историите на Македонија и на Бугарија, каменот на сопнување меѓу двете балкански држави? Тоа најдобро го знаат македонските историчари кои ги читале нивните книги или студирале на нивните универзитети. Сепак, Франција не може да ни го реши проблемот. Посредникот работи на доближување на позициите на две страни кои имаат политичка воља да најдат решение. Проблемот  го решаваат домашните политичари или, како што покажа грчко-македонскиот спор цели триесет години, не го решаваат туку го користат за да останат или да дојдат на власт. Изборот е истиот и во македонско=бугарскиот спор. На прагот сме на уште еден момент од современата македонска историја кога, со име и презиме, јасно ќе се види разликата помеѓу обичниот политичар и државникот.

Денко Малески

 

 

Back to top button
Close