Францускиот предлог како најголема пропаганда за евроскептицизмот

Макрон на два пати ни’ се обрати со апел да го прифатиме „францускиот предлог”. Притоа, првиот пат го квалификува како нефер, вториот пат како несовршен.

Ако втората квалификација е еуфемизам со широк дијапазон, првата издава отворено. Да се каже дека предлогот не е фер за Македонија, значи Македонија да се третира како средство.

Да се убедува страната – средство дека ќе биде добро за неа да ја прифати инструментализација, значи да се надградува со етички и логички галиматијас. Во него само барањето наша согласност ја претпоставува Македонија како субјект. Но на субјект не му се принесува нефер понуда, зашто таа веднаш му ја укинува субјективноста.

Со апелот Макрон е чедо на современа Европа. Со нефер понудата тој е сенка на Европа од пред век и половина. „Европскиот концерт” ги немал маките на Макрон со оглед на односот кон Балканот. И тогаш и сега, големата слика ја обележува антагонизмот Европа – Русија. Но Дизраели и Бизмарк, протагонистите на Берлинскиот конгрес, не барале согласност од нашите предци, туку им исцртале граници против нивната волја, инструментализирајќи ги како брана на руската експанзија. Благородниот Гледстон актерите на тој чин ги нарекол олицетворенија на злото. Неговиот духовен следбеник Вудро Вилсон во таа неправда кон малите народи ја гледал причината за балканските и за двете светски војни.

Поуката од таа чемерна жетва на Реалполитик, е културата на мирот, превенцијата од секаков вид на сегрегација и инструментализација на човечки единки или колективитети, европеизација и универзализација на девизата „Слобода, братство, еднаквост” на Француската револуција.

Тоа подразбира посветеност на гаснење на антагонизмот со Русија и комплетирање на Европската Унија по примерот на интеграцијата на Источна Германија. Конструкцијата Западен Балкан, Европската политичка заедница и, сега, „францускиот предлог”, отстапуваат од таа визија, која суштествено ја легитимира Европската Унија.

 

Наградата за Радев

Денешната војна на Путин ја направи уште подрастична оваа амбиваленција на ЕУ. Наместо силна посветеност на интеграција на Западен Балкан, таа не и ́ додели ни кандидатски статус на Босна и Херцеговина и не дозволи пристапни преговори со Македонија и Албанија, блокирани со бугарското вето. Таа посакува безбедносно монолитна Европа, но која бега од реална интегрирана ЕУ.

Нас посебно нѐ боли емисијата на нефер позицијата на „францускиот предлог”. Прифаќањето нефер позиција, значи подлегнување пред сила.

Во овој случај силата е генералот Румен Радев, со геополитичката тежина што ја придоби Бугарија во контекст на руско-украинската војна. Две години претходно, додека Бугарија спрема Македонија ја имаше само предноста на членка на ЕУ спрема земја кандидатка, таа беше изолирана. Ветото – изум на „агентот Иван”- не поминуваше кај ниедна земја членка на Унијата. Тоа значи, во крајна линија, Макрон подлегнал пред силата на воинствениот Путин. Го купува Радев за ЕУ и НАТО, наградувајќи ја неговата саботажа на нашата евроинтеграција!

Не знам какви реперкусии тоа ќе има за самата Бугарија, зашто не ја гледам неа преку безумното вето на Каракачанов и Радев, туку преку државничката позиција на Желју Желев и Филип Димитров – позиција на безусловна и добронамерна политика на Бугарија спрема Македонија, во перспектива на обединет Балкан во обединета Европа.

Се плашам дека поддршката на ветото е прилог на погрешна страна – на генералот, кој во ветото виде евтино средство за своите автократски аспирации. И тоа не ќе биде добро ни за Бугарија, ни за македонско-бугарските односи.

За нас нефер предлогот е една многу грда лекција. Ние сме суверена држава и имаме право на фер однос, т.е. на однос кон субјект. Ние, ЕУ ја восприемаме сериозно како заедница на вредности, на почитување на различностите итн. Затоа и сме се определиле да бидеме дел од неа. Предлогот кој не е фер за Македонија, заедницата на вредности ја трансформира во сила, а нас во предмет што се употребува како тактичко средство. Ако за Макрон силата била Радев/Путин, за нас силата е, исто, Радев/Путин, но и Макрон (кој му даде европски легитимитет на ултиматумот на Радев), но и ЕУ (која во контекст на Преспа ја воздигна Македонија во европска парадигма, за потоа да застане зад „францускиот предлог”), но дури и САД (кои се најдоа во ситуација ова привидно придвижување на Западен Балкан да го покријат како реално, какво би сакале да биде).

Во Македонија победува Путин

Сила Бога не моли”, вели народната мудрост. Како да постапи една сиромашна држава со милион и осумстотини илјади жители, исправена пред таква сила? Храбро да наведне глава и да игра по свирката на големите! Така било секогаш, така и ќе биде. Во меѓународните односи правото е маска за силата.

Оваа лекција по дефетизам е најтешката импликација на „францускиот предлог”. Најсилен удар по евроцентризмот. Најголема пропаганда на евроскептицизмот. Исток и Запад, ЕУ и Русија, САД и Кина, Макрон, Путин и Бајден – сѐ е сеедно. Како кравите во ноќта.

Не е извесно како ќе заврши војната во Украина. Но со предлогот кој не е фер за нас, во Македонија победува Путин!

Драги европски екселенции, ставете вето на ветото и овозможете ни ́ пристапни преговори што ќе ги водиме со елан и радост, а не како залуден од по маките.

Тоа е и услов нашиот дијалог со Бугарија да добие човечки вид, со заемно разбирање и меѓусебно почитување.

Димитар Димитров

Извор: дв

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close