Германскиот претседател во Варшава: Барам прошка!


Германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер побара прошка по повод 80-годишнината од бунтот во Варшавското гето.

„Денес стојам пред вас и барам прошка за злосторствата што Германците ги извршија овде“, рече Штајнмаер.

На комеморацијата во Варшава присуствуваа и претседателите на Полска, Анджеј Дуда и на Израел, Исак Херцог. Тој го нарече помирувањето на тие две земји со Германија „бесконечно скапоцен подарок“.

„Со суровост и нечовечност за кои немаме зборови, Германците ги прогонуваа, поробуваа и убиваа Евреите од Европа, Евреите од Варшава“, рече Штајнмаер и додаде дека тука стои „во жалост и понизност“.

И покрај злосторствата против човештвото, Шоа, народот на Израел и Полска им подаде рака на помирување на Германците. „Тоа е подарок што не можевме и не требаше да го очекуваме“, рече германскиот претседател и во исто време рече: „Мораме и сакаме да го зачуваме тоа чудо на помирување и да го водиме во иднината“.

Штајнмаер ја истакна историската одговорност на Германците и задачата што им ја оставија преживеаните и загинатите: „Го прифаќаме. За нас Германците, нашата одговорност кон нашата историја нема граници. Тоа останува наш потсетник и наша мисија, сега и во иднина“.

Во есента 1940 година, германските окупатори го основаа Варшавското гето, поради наводниот ризик од епидемија, и таму ги затворија Евреите од цела Полска. Во еден момент, околу 450.000 луѓе беа спакувани во мал простор.

На 19 април 1943 година, жителите на еврејското гето се кренаа против СС и Вермахт. Востанието траело до средината на мај. За речиси четири недели, повеќе од 56.000 Евреи беа убиени или одведени во концентрациони и логори за истребување.

Најважната лекција од германската историја е „Никогаш повеќе!“, нагласи Штајнмаер.

Германците, вели тој, ја научиле таа лекција.

Во таа смисла, германскиот претседател потсети и на руската агресивна војна против Украина.

„Никогаш повеќе, тоа значи дека стоиме цврсто на страната на Украина – заедно со Полска и со другите наши сојузници. Ја поддржуваме Украина во хуманитарен, политички и воен поглед, заедно со Полска и нашите сојузници“, рече тој.

Back to top button
Close