Германскиот уставен суд забрани политичка агитација на веб-страниците на министерствата

– Германскиот министер за внатрешни работи Хорст Зехофер го прекршил Уставот објавувајќи делови од интервју на веб-страницата на Министерството во кое ја критикува популистичката десничарска Алтернатива за Германија (АфД), пресуди германскиот Уставен суд.

Јавното дејствување на федералната влада завршува таму каде започнува агитацијата за или против едно или повеќе лица кои се во политичка трка, рече претседателот на германскиот Уставен суд, Андреас Вошкуле.

Со тоа, Уставниот суд повторно потврди дека министрите не смеат да ја користат својата функција за да влијаат на политичката трка во корист на гласачите. Тоа е дозволено само во својство на член на партија, но не и на сојузната влада.

Во 2018 година, Зехофер (Христијанско-социјална унија – ЦСУ) даде интервју за германската новинска агенција ДПА во кое ја критикуваше АфД за нејзините критики кон германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер.

Ваквото однесување е опасно за државата. Не можете еден претседател на држава да го повикате на ваков начин. Овде станува збор за поткопување на државата, рече Зехофер во интервјуто во кое за АфД посочи дека „јасно се спротивставува на државните структури“.

Уставниот суд не го обвинува Зехофер за наводите во интервјуто, туку за фактот дека текстот беше објавен на официјалната веб-страница на Министерството за внатрешни работи.

Back to top button
Close