Германските млади од „Gen Z regelt“ планираат протести во 34 градови

Германското младинско движење „Gen Z regelt“ („Генерација Z презема контрола“) ги повикува граѓаните денеска да им се приклучат на собирите во 34 градови низ земјата, при што организаторите очекуваат учество на повеќе од 165.000 луѓе, јави ДПА.
Учесниците излегуваат на улиците за да протестираат против задолжителниот воен рок и високите трошоци за живот, како и да се заложат за инвестиции во образованието, социјалната сигурност, здравството и борбата против климатските промени.
Групата експлицитно повикува на мирни протести и отфрла секаков вид насилство. На својата интернет-страница, организаторите наведуваат дека не сакаат екстремистички групи или неуставни симболи на нивните демонстрации.
Тие, исто така, предупредуваат да не се носат стаклени предмети или оружје, како и да не се провоцира полицијата, пренесува германската агенција.
Продавниците во некои места се затворени бидејќи сопствениците стравуваат од оштетувања или нарушувања на јавниот ред, откако младинските протести во Франција овој месец прераснаа во немири проследени со насилство, грабежи и подметнување пожари.
Германските безбедносни служби соопштија дека немаат добиено информации за конкретни повици на насилство за време на демонстрациите.
Сепак, портпаролката на Министерството за внатрешни работи изјави дека на повиците за учество се одѕиваат и „делови од левичарската екстремистичка сцена, како и изолирани групи поврзани со екстремизам од странско потекло“.
Организаторите вчера изјавија дека ставањето акцент на ризикот од насилство за време на демонстрациите го одвлекува вниманието од вистинските проблеми на кои тие сакаат да укажат.
Според организаторите, движењето „Gen Z regelt“ е формирано пред само неколку недели и има централен координативен тим од 30 луѓе.
Иако групата преку својата интернет-страница ги промовира демонстрациите во 34 градови, таа презема одговорност за содржината и организацијата на само четири од нив – во Келн, Берлин, Франкфурт и Минхен, пренесува ДПА.






