Германското МНР „итно“ предупредува од патување во Русија
„Во врска со неовластени собири и демонстрации, во целата земја може да дојде до масивни, понекогаш насилни, акции на безбедносните сили“, предупредува Министерството за надворешни работи во Берлин. И досега од германското МНР се советуваше да не се патува во Русија, но сега во насоките е додаден и зборот „итно“.
За административните региони кои граничат со Украина – Белгород, Курск, Брјанск, Воронеж, Ростов и Краснодар, предупредување да не се патува има од почетокот на руската инвазија на Украина пред две години.
Руската влада презема остри мерки против критичарите и неистомислениците во земјата особено од почетокот на војната против Украина. Само во изминатите две и пол недели беа уапсени стотици луѓе кои сакаа да положат цвеќе за противникот на Кремљ, Алексеј Навални, кој почина во затворски логор.