Гешова: Срам ми е од сите министри кои се против финансиска поддршка на културниот сектор
Минатата година Искра Гешоска го доби големото признание, Медалот Гете, што го доделуваат Институтот Гете и Министерството за надворешни работи на Германија. Таа го доби признанието за нејзината долгогодишна работа за создавање нови платформи за независната културна сцена во Македонија и за нивното поврзување со таквите платформи во регионот, Европа и светот.
За нејзината верба во независното културно дејствување и активизам, таа го наоѓа поттикот во филозофијата на аргентинскиот писател Хорхе Луис Борхес и од неговата поетско анархистичка позиција.
„Борхес вели дека не верува веќе во државата, не верува во структурни револуционерни промени, во долгорочни стратешки промени, туку верува во малите заедници и во малите релации и групи каде што може да ги воспоставиме тие мали општества на емпатија на солидарност, на заедништвио, на она за што се бориме. Од таа позиција јас сѐ уште верувам дека може да се случуваат промени коишто, во мојот свет, нема тотално да го девастираат она е иманентно на човешттвото, а тоа е да биде во една праведна заедница“, вели Искра Гешоска во интервјуто за Рацин.мк.
Таа истакнува дека не се откажува од дејствувањето на микро рамниште:
„Не е едноставно, особено во општествата на едни кршливи демократии какво што е нашата да се дејствува на тој начи и да се верува сѐ уште дека треба да се дејствува, не е едноставно. Сите аргументи одат против таковото дејствување. Велат дека треба да се ставиме во една исихастичка, ескапистичка позиција, иако исихазмот не ескапизам, но јас сѐ уште би сакала да верувам дека може, чекор по чекор. Помладите генерации не се толку убедени и јас ги разбирам“, вели Гешоска.

Треба да се артикулира гневот
На интервјуто, ја прашаа дали критичката мисла во пристапот на култрурата и уметноста е едноставно неопходна како одговор на поличките процеси во светот, па и кај нас, кој се свртеа кон авторитаризмот, екстремно десните идеологии, кон исклучување на другиот.
Во тој контекст Искра Гешоска ги посочува и моделите на отпор наспроти она што го навестуваат хоризонти на тоталитарни системи.
„Кои се моделите на отпор и, би рекла, на артикулација и концетрација на гневот? Бидејќи ние, со сета љубов, имаме гнев во нас затоа што гледаме како се распаѓа планетата Земја и луѓето во неа. Луѓето се, за жал, виновни заа распаѓањето на планетата Земја. Така што јас и понамату ја барам силата во луѓето овдека, но и во луѓето ширум светот коишто ни се сродни, бидејќи јас верувам во такви поврзувања. Не во национални идентитети, туку во културни идентитети, во друг тип на вредности коишто не поврзуваат, дека ќе го бараме заеднички моделот барем малку да се ублажи ова страдање кое што му се случува заради малкумина на светот“, посочува Искра Гешоска, директорка и програмски уредник на КРИК – Фестивал за критичка култура и на Контрапункт .
Следното логично прашање за Гешоска е дали оваа ситуација повторно на големо ја враќа димензијата на активизам меѓу уметниците и културните работници, дали го има кај нас и каде да го препознаеме.
„Јас сакам да верувам длабоко дека од моментот на резигнација и од моментот на апатичен конформизам, би рекла, ќе се случи и полека чувствувам како да се случува, трошка, по трошка се случува повторно враќањето на таа артикулација на незадоволството или гневот. Има поединци, но сега е работата како да се организираме одново, бидејќи ние во ова општество, во изминатите 33 години постојано се организираме и реорганизираме и претпоставувам дека постои и мал замор, а ја немаме таа сила сето тоа од имплозија да се случи експлозија“, нагласува Гешоска.
Имајќи ги овие укажувања предвид, ја прашавме Гешоска дали во студентското движење во Србија може да се препознае еден од моделите за кои говори таа каде што енергијата од социјалните мрежи се префрли на улиците, на плоштадите.
„Тоа е клучната работа, како да ѝ се вратиме на агората, како да се убедиме дека агората е таа што е важна, дека агората менува. Социјалните мрежи можат да бидат мал поттик, а да не збориме дека соц мрежите, ќе бидам адвокат на ѓаволот, дека нив ги поседуваат оние против кои се бориме. Тоа никако не смееме да го заборавиме и да го имаме на ум и тоа да биде еден од моделите на оптор. Па низ вековите имало начини да се организираат луѓето и тоа посериозно револуции да прават без социјални мрежи. Тоа е клучната болка. Мора да рзбереме дека треба да излеземe повторно од тој комфорт, апатичен. А да не зборуваме за сите психо-социјални проблеми што ги создаваат во една личносна структура социјалните мрежи. Мора од таму да се излезе, таму се сите некако храбри“, потенцира Гешоска.
Погледнете го целото интервју подоле.