Големи пожари ја пустошат Грција: Огнот се заканува на населби, 450 пожарникари и 7 авиони во битка со пламените
Пожарите во Грција и натаму беснеат, а најкритична е состојбата во западниот дел на Атика, каде што огнената стихија трет ден по ред се шири кон населените места. Пожарот веќе стигна до населбата Агија Скепи, додека пожарникарите вложуваат напори да го спречат неговото понатамошно ширење кон Псата.

Во акциите за гаснење се ангажирани околу 450 пожарникари, со поддршка од седум противпожарни авиони, додека властите остануваат во состојба на готовност поради екстремно високата опасност од нови пожари.
Во регионите Атика, Беотија и Евија сè уште е на сила портокалово предупредување, а високите температури и силниот ветер дополнително ја усложнуваат борбата со пламените.
Според досегашните проценки, пожарите во Атика и Беотија уништиле повеќе од 111.000 хектари шуми и земјоделски површини.
Во меѓувреме, продолжува истрагата за трагичната несреќа што се случи во неделата, за време на гаснењето на пожарот во областа Псата, кога се судрија два изнајмени противпожарни хеликоптери од типот „Бел“.
Во несреќата животот го загубија дански пилот и грчки координатор, додека британски пилот и неговиот грчки колега од вториот хеликоптер се здобија со повреди. По наредба на надлежното обвинителство, грчката полиција собира докази за да ги утврди причините и околностите под кои дошло до судирот.
Грција се соочува со една од најтешките противпожарни сезони во последните години, а неповолните временски услови и натаму претставуваат сериозен предизвик за службите што се борат со огнената стихија






