Големите компании се обединија против сексуалната злоупотреба на малолетни лица на Интернет

Околу дваесет компании како Амазон, Епл, Фејсбук, Гугл и Мајкрософт, собрани во Тек коалиција (Tech Coalition), објавија денеска план за заедничка борба против сексуална злоупотреба на малолетни лица на Интернет.

Компаниите се конкретно посветени на финансирање „фонд за истражување и иновации од неколку милиони евра за создавање технолошки алатки за спречување и поефикасна работа за да се искорени сексуалната експлоатација и злоупотребата на деца преку интернет“, велат од коалицијата.

Организацијата, исто така, ќе објави годишен извештај за направените напори и најавува создавање „годишен форум“ на таа тема.

– Новиот план ќе ни помогне да ги споделиме најновите достигнувања, знаења и алатки преку дигиталниот екосистем. Ниту една компанија не може да го реши проблемот самостојно, рече официјалниот претставник на Гугл, Кент Вокер.

Извршниот директор на Фејсбук, Шерил Сандберг рече дека тие се “горди што придонесуваат за оваа иницијатива“.

– Се надеваме дека таа ќе доведе до вистински промени за безбедноста на децата, нагласи Сандберг.

Коалицијата е формирана пред 15 години со цел да се координираат напорите за воспоставување технолошки алатки за модерација на големите дигитални платформи, главно автоматски системи за препознавање детска порнографија.

Back to top button
Close