Градски буџет за 2022: Трипати помалку пари за животна средина, а многу повеќе за инфраструктура

Идната недела пред Советот на град Скопје на гласање доаѓа Буџетот за 2022 година предложен од градоначалничката Данела Арсовска кој е многу различен од оној во 2021. Арсовска драстично ги намалува некои од ставките кои се однесуваат на животната средина, а истовремено ги зголемува парите за патната инфраструктура. Вкупниот основен буџет за 2022 е за 8.7% намален од претходниот и новата градска власт за една година планира да потроши 4.680.000.000 или околу 76 милиони евра.

Секторот за животна средина ќе располага со трипати помалку пари во 2022. Ако во последниот свој буџет во 2021 за оваа намена Шилегов избуџетирал 213 милиони денари, Арсовска во својот прв буџет одделува само 73 милиони. Субвенциите за инвертери се намалени за дури 8 пати – од 120 на 24 милиони денари. Средствата за подигнување ново зеленило, паркови и дрвореди се намалени за 10%, а ќе бидат набавени и 33% помалку садници идната година во споредба со 2021.

 

Се чини дека во 2022 Данела Арсовска нема да подигне ниту еден од ветените пет мега паркови. Во буџетот не се предвидени средства за изведба, ниту за проектирање на новите паркови во Кисела Вода, Аеродром, Чаир, Карпош и Ѓорче Петров кои Арсовска ги најави дека ќе бидат со големина на Градскиот Парк. Бесплатниот автобуски превоз веќе се одложи за две години, па затоа и не е предвиден во буџетот за 2022.

 

Противпожарната бригада исто така ќе располага со помал буџет за тековни трошоци но и за нова опрема за околу 30% (од 146 на 104 милиони денари). Поништениот оглас за 25 нови пожарникари очигледно нема да се распише повторно, бидејќи во буџетот не се предвидени нивните плати. Со тоа, недостатокот на пожарникари во главниот град како најакутен проблем во безбедноста на граѓаните нема да биде подобрен ни во 2022. Скопската бригада, иако најдобро опремена и најбројна од сите останати во државата, е далеку под законски предвидениот минимум за бројност, нешто што често беше посочувано како проблем при летната криза со пожарите во Источна Македонија. Во 2022 Арсовска планира хероите на градот да ги доопреми со 100 нови интервентни одела и 250 нови работни униформи.

 

Поранешната претседателка на ССК предвидува и драстично кратење на буџетот за локален економски развој. Проектите на градот за поддршка на туризмот, занаетчиството, угостителството ќе имаат преполовен буџет (76-30 милиони денари). За повеќе од 10% е намален буџетот за култура, а градските институции ќе добијат од 30% до 50% помали буџети за следната година. Намалени се и капиталните расходи во културата од 37 на 18 милиони денари. Арсовска за социјални работи (35%) и спорт (36%) предвидела повеќе средства во 2022.

Арсовска најмногу градски пари во 2022 планира да потроши на нови улици, булевари, мостови, канализации и осветлување. Дури 450 милиони денари (7 милиони евра) повеќе од претходниот буџет. Иако најголем издаток се мостовите и булеварите на Шилегов кои Арсовска треба да ги доврши (клучките кај Момин Поток, бул. АСНОМ, мостот на Љубљанска, бул. Борис Трајковски, ул. Есенинова…), сепак Арсовска во годишната пресметка додала и реконструкции на улици како Рузвелтова, Перо Наков, Димо Хаџи Димов и др. 

Забележително е отсуството на улици за реконструкција во 2022 во албанските општини во Скопје (Чаир и Сарај) на листата на улици наведена во буџетот доставен до советниците, нешто што беше задолжителна пракса во минатото како коалициска обврска на мнозинството во советот на градот. Покрај Чаир и Сарај, градот не планира реконструкција на улици ни во Шуто Оризари, како најсиромашна општина во Скопје со најслабо развиена инфраструктура. 

Back to top button
Close