Грмушката“ на Јанезовиот „зајак“

Пред да почнат големите импровизации и надарените анализи за последиците од „нон-пејперот на Јанез Јанша“ со кој се предлага комплетно, ново прекројување на балканските граници, добро би било да се види поширокиот контекст.

По неговото објавување, јасно е дека таков нон-пејпер постои. Не е баш јасно кој го составил, но расположливите информации говорат дека е настанат на „оската“ Љубљана-Будимпешта, произлезен од десничарските конзервативно-популистички кругови на власта на Орбан и Јанша. Да се нема сомневање, тоа е дел од нивната поширока стратегија за разбивање на сегашниот однос на силите и на самата поставеност на Европската Унија. Нон-пејперот, иако и за тоа не е јасно кој/како, е доставен до Брисел, кој сè уште молчи и се дистанцира од целата афера.

Смислата на ваквите опскурни документи, кога ќе заврши фазата со контроверзата околу кој/кога/како објавување, е јавно да ја легитимираат стратегијата за која се залагаат. Потоа следува фазата за одредување кон содржината на документот на различни страни и фактори, на „пониско ниво“. Сега сме во таа фаза: медиуми, експерти и „бајачки“ од општа практика и, помалку или повеќе, маргинални политичари ќе го искажат својот став, во атмосфера на една релативна какофонија, со што е постигнато „подигање“ на легитимитетот на проектот.

Со тоа се постигнува нон-пејперот и неговите заложби да станат јавна, фактичка состојба. До оваа фаза, важните национални, регионални и меѓународни фактори (и нивните разузнавачки, дипломатски и аналитички центри) се резервирани и воздржани во реакциите, бидејќи ги очекуваат и ги анализираат реакциите „од теренот“, ја маркираат „конфигурацијата“ на балансот на силите во однос на предлозите од нон-пејперот. Секој секого гледа „под око“ и проценува кој и колку, всушност, е вмешан „во“ нон-пејперот.

Моментот за пласирањето на овој нон-пејпер е опортунистички, погодно избран: како што Русија и Кина во разни региони низ светот со своите акции и однесувања ги проверуваат позициите и подготвеноста за реакција, на различни теми, на новата власт во Вашингтон, така и на Балканот разни европски и воневропски фактори ја тестираат подготвеноста на администрацијата на Бајден – сè уште најважниот меѓународен фактор за овдешната стабилност, без чија согласност нема прецртување граници – за евентуално менување на постоечкото и долгогодишно регионално статус-кво.

И, да се разбереме, сите по малку „уживаат“ во антиципацијата на реакциите на нон-пејперот, бидејќи неговите тези се радикални, опасни, рискантни и примарно во сферата на регионалната безбедност, а за многумина тоа „уживање“ – сè уште – е „бесплатно“, бидејќи некој друг го преземал ризикот за составувањето и објавувањето на нон-пејперот.

А, кој е тој „некој друг“?

Новата „антиевропска“ десничарска европска оска во Брисел (најгласно предводена од Орбан) правилно проценува дека за да го продолжи својот „национален“, домашен политички опстанок на власт, мора да ја прошири и засили својата конфронтативна, често антидемократска, национал-шовинистичка агенда и на меѓународно ниво. Времето за тоа е перфектно, бидејќи доаѓа во период на високо ниво на хаос и општо незадоволство во Европската Унија во услови на пост-Брегзит, на политичкиот, економскиот и социјалниот шок од пандемијата и на редефинирање на ставовите на Унијата во однос на важни енергетски прашања и релациите кон европската периферија и руско-кинеските влијанија. Се разбира, претседателските избори во Франција, чија драма следува идната година, и заминувањето на Меркел од власт во Германија, се силен потстрек за калкулации за тоа кој и што ќе надвладее на европскиот континент во наредните една-две децении. Предвидувањата се фриволни, а некои и на работ од гео-политичкиот жилет.

За власта во Македонија, во оваа фаза, е важно да има сосема отворени „очи и уши“ и, без предрасуди и „плачења“ (за „двојните стандарди“, за неискрености, за скриени агенди и слични меѓународни марифетлуци), да го следи развојот на настаните, во тесна координација со Вашингтон и официјален Брисел. Проектот „Едно општество за сите“ – нешто што во теоријата на развојот на мултиетничките системи за владеење се нарекува „центрипетална демократија“ – е суперсонично надмоќен во однос на 19-вековниот, примитивен политички концепт на нон-пејперот. Тој развој, а не овој нон-пејпер, треба да е приоритет во работата на власта.

Со оглед на неговата адреса на живеење, битно е наскоро да го дознаеме, по можност од самиот него, уделот на љубениот ни Никола Груевски во составувањето на овој нон-пејпер. По можност, јасно и гласно. А потоа и односот на македонската опозиција кон овој проект.

Работите кај албанскиот фактор во земјава се, навидум, покомпликувани, бидејќи нон-пејперот, меѓу другото, ја содржи опасната регионална авантура за „Голема Албанија“. Препорачливо е да не се запаѓа во разни националистички севдаси по прес-конференции и по социјалните медиуми, пред да „слегне правот“ од оваа нова евро-десничарска провокација. Тоа е препорачливо – но, нормално, нема да се случи, бидејќи овдешната распространета национал-шовинистичка политичка биполарност си има своја линија на „патување“ во манијакалните промени на депресивните осцилации.

Конечно, целиот нон-пејпер е дел од „хибридната војна“ против нормалноста на којашто силно е изложена и Македонија и целиот регион, па и светот, во поплавата од лажни вести, говор на омраза, злонамерни шпекулации и сличните алатки за дезавуирање на демократијата и стабилноста. Впрочем, наводните креатори на овој нон-пејпер се ненаводните финансиери и осмислувачи на пропагандната медиумска валкана војна што беснее низ нашата јавна сфера откако падна режимот на Груевски, со сите овдешни свесни и несвесни помагачи на тој проект.

Тоа е тоа, за сега. Сè ми се чини дека веќе за неколку недели ќе имаме појасна слика за „грмушката“ од која истрча овој Јанезов „зајак“.

 

Сашо Орданоски

извор: Цивил

Back to top button
Close