Грозданов: Лажните еко-активисти се манипулатори кои работат против економската независност на Македонија
Аналитичарот и металуршки инженер Виктор Грозданов во својата последна колумна „Рудниците градат градови и држави“ се осврна на значењето на рударскиот сектор за земјава, а најави и докази за, како што ги нарече, агендата на манипулаторите кои наметнуваат активизам против отворањето на рудници со модерни технологии. Тој истакнува дека историски гледано секогаш рудниците развивале населени места и во непосредна близина градови околу себе.

-Таков еден случај е рудникот Алшар. Постојат факти дека во 1978 година се случила средба на раководството на СФРЈ на која се дебатирало дали овој рудник да се даде на НАСА за Американците да го експлоатираат металот кој се наоѓал таму. Станува збор за лорандит минерал на талиумот. Во близина на рудникот во кој се копало 5000 години е создадено селото Мајдан во 1877 година, во околината на Кавадарци. Поради целосно запирање на работата во рудникот, таму денес живеат само 2 (две) лица, пишува Грозданов.
Тој додава дека во минатото арсенската руда од рудникот Алшар му носела 1500 акчиња на турскиот султан од вкупно 13.800 од целата империја. Во денешно време, според него, тоа значи дека штом има арсен значи дека има злато, што е и докажано.
-Плус и други метали меѓу кои и талиумот, но и бел минерал најверојатно боракс во неограничени количини, а жителите го употребувале за миење алишта, садови, простории по дома итн. Денес како што напоменав таму има големо наоѓалиште на злато. Геолозите тоа го поврзуваат со големото присуство на арсен. Металурзите посебно екстрактивците знаат точно како да вадат чисто злато, а при тоа да не ги загрозат сите човекови потреби воздух, вода, храна итн. Да дадам еден пример. Сите сте чуле за лекот рицинусово масло. Дали знаете дека растението или цветот содржи токсичен елемент рицин. Токму со ваков отров е убиен бугарскиот дисидент Марков. И тоа со количина помала од 1 милилитар. Фармацевтите умеат да ги изолираат штетните супстанци и да произведат лек исто како што рударите и металурзите умеат да спроведат најмодерни технологии кои ќе обезбедат целосна безбедност за животот, здравјето, земјоделските производи и животната средина, смета Грозданов.
Аналитичарот потенцира дека во Македонија во овој момент против модерните рударски технологии се обидуваат да се наметнат лица кои се кријат зад некаков активизам, кој, како што додава Грозданов, за да добие хумана димензија се фиксира на екологијата како тема со која наводно овие активисти на јавноста и продаваат дека се окупирани.
-Овие лица се обични манипулатори кои немаат стручна наобразба да разберат што всушност им зборува науката и за да ја сокријат таа своја празнотија најчесто се служат со навреди. Притоа се работи за алчни луѓе кои заради претходни професионални порази се лесна мета на анти НАТО и анти ЕУ сили, кои со пакети за нивна лична корист ги имаат насочено да одработуваат против економската независност на Македонија со опструкции од различен вид за да по секоја цена се спречи изградба на нови рудници. Затоа, ги слушате и гледате како фрлаат дрва и камења против потенцијалните рударски комплекси Иловица, Казандол…, а за рудниците направени пред неколку децении, кои случајно имаат странски газди, молчат. За нивните субверзивни активности многу брзо ќе бидат објавени докази. Впрочем, во стилот на еден руски медиум кој е под контрола на Дугин, нечии негативни активности кон ЕВН и Македонски Телеком се внимателно нотирани, нагласува Грозданов во колумната.






