ХОПС-25 години борба за општество во кое сите се еднакви и никој не е оставен на маргините

Оваа година Здружението ХОПС – Опции за здрав живот Скопје одбележува 25 години постоење. Во 1999 година, петмина храбри млади луѓе со визија и идеали се здружија и ја основаа организацијата која во Македонија, но и интернационално, веќе 25 години ги презема чекорите кои никој друг не се решава прв да ги направи.

Пред 25 години, токму кога започнува т.н. „хероинска епидемија” во Македонија и регионот, во Скопје ХОПС ја воспоставува првата програма за намалување на штети во земјава и регионот, која во почетокот се состои од теренска размена на искористена со стерилна опрема за инјектирање на дроги. Намалувањето на штети подразбира и превенција од ХИВ и други крвно и сексуално преносливи болести, па следствено ХОПС започнува да развива теренска работа со сексуални работници, делејќи кондоми за превенција од сексуално и крвно преносливи болести. Во годините што доаѓаат, следејќи ги потребите на своите корисници, ХОПС започнува да воведува и нови услуги – базичен медицински третман на рани од инјектирање, социјална помош и поддршка, бесплатна правна помош, психолошка и психијатриска помош и поддршка, едукативна работа со деца на корисници и деца во социјален ризик, па се до можности за креативно изразување и развивање на економски активности и социјално претприемништво.

Денес, по четврт век постоење, ХОПС има воспоставено три активни дневни центри: Дневен центар за намалување на штети од употреба на дроги, Дневен центар за ресоцијализација на жени во социјален ризик со потреба од ресоцијализација и Дневен центар за рехабилитација и реинтеграција на луѓе кои се соочуваат со зависност во кој.

Зад себе има многу победнички судски пресуди за заштита на правата на најмаргинализираните и заедно со партнерите, успешна промена на Кривичниот Законик за декриминализација на личната употреба на дроги.

Благодарение на работата на ХОПС во Македонија бројот на заболени од ХИВ меѓу најризичните категории е сведен на минумиум – има само 1 нов случај во 15 години!

ХОПС е релевантен член на локални, регионални и меѓународни коалиции и мрежи за унапредување на еднаквоста и правата нанајмаргинализираните. работи за луѓето кои употребуваат дроги.

Но, бидејќи сеуште не можеме да кажеме дека сме општество во кое на сите луѓе подеднакво им се почитуваат човековите права и слободи и во кое сите уживаат социјална, здравствена и економска благосостојба, нашата борба продолжува и во следниот период. Заедно со нашите членови, корисници на услуги, партнери и поддржувачи, зајакнати со млади луѓе со визија и желба за промени, продолжуваме да креираме вакво отворено општество во кое на крај никој нема да биде оставен на маргините! На крај искажуваме искрена благодарност за секоја досегашна, но и идна помош и поддршка од волонтирање до донации со која се помага во остварување на оваа визија!

Back to top button
Close