Ибраими пред реваншот со Рига: Очајно ни се потребни голови

Македонскиот шампион Шкендија утревечер во Скопје го пречекува летонскиот првак Рига со надеж дека ќе успее да ја надомести негативата од 0:2 од првиот натпревар и да избори пласман во 3. коло во УЕФА Конференциската лига.

По стартната елиминација во Лигата на шампиони од словенечка Мура со вкупни 0:6, фудбалерите на Шкендија ја продолжија серијата без постигнат гол и на првиот натпревар во Рига и се пред тешка задача да ги продолжат настапите во еврокуповите.

– Во Рига загубивме со 0:2, но поразот беше плод на наши грешки. На утрешниот реванш искрено мислам дека можеме да победиме. Мораме да ги сведеме грешките на минимум и конечно да почнеме да даваме голови, изјави напаѓачот на македонскиот првак Бесарт Ибраими на вечерашната прес-конференција.

Натпреварот Шкендија – Рига се игра утре на Националната арена „Тодор Проески“ во Скопје со почеток од 20 часот. Според протоколите, скопската Арена ќе може да биде исполнета до 30 отсто од капацитетот.

Back to top button
Close