ИК на ВМРО-ДПМНЕ ги потврди кандидатите за техничката влада – партијата останува на ставот дека нејзините пратениците нема да ја гласаат

Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ на вечерашната седница ги утврди кандидатите на партијата кои ќе ги предложи за министри и дополнителни заменици-министри во техничката влада која треба да биде изгласана најдоцна до недела на полноќ.

За одлуката на Извршниот комитет по завршувањето на седницата информираше потпретседателот на партијата Тимчо Муцунски, а предложените кандидати се истите кои претходно вечерва во интервју за „Топ тема“ на ТВ Телма ги соопшти лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.

Информирајќи за листата на кандидатите, Муцунски рече дека партијата одлучила да учествува во техничката влада во насока на обезбедување на кредибилен изборен процес.

Тој потврди дека зе технички министер за внатрешни работи го предлагаат Панче Тошковски, а Ѓоко Велковски за труд и социјална политика, додека за дополнителен заменик– министер за финансиии е предложена Елена Петрова, за информатичко општество и администрација Стефан Андоновски, а за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски.

Покрај имињата, тој за секој до предложените кандидати даде и краток осврт на нивниот досегашен професионален и политички ангажман.

„Панче Тошковски е актуелен претседател на правната комисија на ВМРО-ДПМНЕ и долгогодишен адвокат. Панче Тошковски е магистер по кривично право и криминологија на Правниот факултет ‘Јустинијан Први’ во Скопје, а воедно покрај работното искуство како адвокат, има и големо работно искуство и во државните институции. Во период од 2008 до 2011 година работел како советник во Министерството за транспорт и врски, Акционерското друштво за стопанисување со деловен простор во сопственост на Република Македонија, членувал во повеќе комисии и работни тела“,рече Муцунски.

За Елена Петрова кажа дека е висок професионалец во областа на финансиите – дипломиран економист, со над 25- годишно работно искуство во Управата за јавни приходи.

„Елена Петрова седум години била управник во Дирекцијата за јавни приходи – за големи даночни обврзници, а претходно била раководител на даночното одделение во Свети Николе, раководител на оддел во секторот за оперативна политика и едукација, како и раководител во сектор за утврдување и наплата на даноци во Генералната дирекција“наведе потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ.

За Велковски рече само дека долги години работел во Министерството за труд и социјална политика на различни работни позиции и дека била генерален секретар на Град Скопје.

Стефан Андоновоски кого партијата го предлага да биде дополнителен заменик министер за информатичко општество и администрација е досегашен меѓународен секретар на партијата и советник во Советот на Град Скопје.

„Стефан Андоновски во моментов е докторанд на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје и магистер по меѓународни односи на Универзитетот Џонс Хопкинс во САД. Пред политичкиот ангажман, пет години работел во бизнис секторот во Македонија и е консултант на меѓународни донаторски проекти во областа на дигиталниот маркетинг, комуникациите и медиумите“,наведе Муцунски.

Цветан Трипуновски по вокација, како што кажа потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ е дипломиран земјоделски инженер, кој во моментот е претседател на комисијата за земјоделство на ВМРО-ДПМНЕ. Трипуновски и во претходната техничка влада исто така беше на позицијата дополнителен заменик министер за земјоделие.

Неговото работно искуство во Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство е долгогодишно, а од 2015 до 2017 година ја извршуваше функцијата директор на Државниот земјоделски инспекторат, а во периодот од 2006 до 2008 година бил прв човек на државната фитосанитарна лабораторија, наведе Муцунски.

„Ова се петте кадровски решенија со кои ВМРО-ДПМНЕ ќе го даде својот максимум за одржување на фер и демократски избори, што практично е и улогата на техничката влада. Причината поради која ВМРО-ДПМНЕ донесе одлука да заземе учество во техничката влада е затоа што во Македонија никогаш не било полошо. Македонија се наоѓа во тешка ситуација, заглавена во криминал и корупција. Но, СДС и ДУИ, (Димитар) Ковачевски и (Али) Ахмети за многу брзо од денес ќе бидат политичко минато, важно е да ги поразиме за да имаме иднина за Македонија каква што посакуваме“рече на крајот Муцунски.

Прашан дали и како пратениците на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието ќе гласаат на седницата в недела, Муцунски изјави дека во врска со ова, партијата веќе го кажала својот став.

„Тоа го објавивме веќе пред неколку недели, по една претходна седница на Извршниот комитет каде што јавно кажавме дека ние нема да гласаме за поддршка на влада која што ја предводи лице предложено од страна на ДУИ. Ние нашите предлози, односно реализацијата на нашата законска обврска согласно Законот за влада ќе ја реализираме. Ние ќе ги дадеме нашите предлози за двајца министри и тројца дополнителни заменици – министри, но поддршката на нашите пратеници согласно одлуките на органите на партијата таа влада нема да ја има“одговори Муцунски.

Талат Џафери, како иден мандатар на техничката влада, на денешниот брифинг со новинарите рече дека до Собранието ќе предложи целосен состав на новата влада ако од ВМРО-ДПМНЕ достават до него предлози за министри и дополнителни заменик-министри. За тоа, како што рече Џафери нема пречка бидејќи таков е законот. Изјавата на Џафери доаѓа наспроти онаа на премиерот Димитар Ковачевски, кој пред пет дена рече дека министерските и дополнителните заменик-министерски места кои со закон ѝ следуваат на опозицијата во техничката влада треба да останат празни додека ВМРО-ДПМНЕ не даде глас за таа влада.

Џафери вчера ги истакна и роковите и динамиката на работа на Собранието кои почнуваат да течат од утре, а треба да завршат до 28 јануари на полноќ, до кога треба да биде избрана техничката влада.

Техничката влада на 100 дена пред изборите беше воведена со консензус на партиите пред осум години, по кризата која доведе до предвремените парламентарни избори во 2016 година. Техничката влада на чело со Џафери ќе биде трета оттогаш наваму, по онаа на Емил Димитриев во 2016 година, на Оливер Спасовски во 2020 година.

Back to top button
Close