Костреш: Памфлетот со навреди кон Филипче не е став на српскиот народ, целта е да се заштити Стоиљковиќ

Претседателот на опозициската Лига на социјалдемократи на Војводина (ЛСВ), Бојан Костреш, ги осуди нападите врз лидерот на СДСМ, Венко Филипче и оцени дека тие се организирани од, како што вели тој, режимот во Србија и поранешниот унгарски премиер Виктор Орбан.

Ова следува откако прво, порталот expres.mk, објави т.н. реакција на „Регионалниот Одбор Куманово на Српската заедница во Македонија“, против Филипче. Во текстот се користат зборовите „политичка бљувотино“, „духовен изроду“ итн. Потоа, реакцијата на Фејсбук ја сподели и претседателот на Демократската партија на Србите во Македонија и актуелен министер за локална самоуправа, Иван Стоиљковиќ, кој ги повика припадниците на српската заедница „да не паѓаат на нивото на од злото распаднатата СДСМ дружина, предводена од политичкиот дунстер Венко Филипче“.

„Особено е индикативно што овој текст, исполнет со груби навреди, закани и политички дисквалификации упатени кон лидерот на СДСМ, е објавен на портал близок до Виктор Орбан, а спонзориран од Алта банка, за која граѓаните на Србија многу добро знаат дека е индиректно во сопственост на семејството на Александар Вучиќ“,рече Костреш во соопштение за медиумите.

Тој додаде дека текстот објавен под името „Регионален одбор Куманово на српска заедница во Македонија“ не е израз на ставот на српскиот народ во земјава.

 

„Тоа е политички нарачан документ чија цел е да ја заштити позицијата на Иван Стоиљковиќ, а е полн и со ужасни навреди против СДСМ и Венко Филипче“,оцени Костреш и додаде дека станува збор за „агресивен политички памфлет, во кој навредите се на најниско ниво“.

„Кога се пласира во име на Србите во Македонија преку медиуми поврзани со Орбан и финансирани од систем близок до кругот на Вучиќ, повеќе нема дилема чии интереси стојат зад таа ‘реакција’“,рече Костреш.

Според него, Стоиљковиќ со години се претставува како претставник на Србите, но всушност функционира како „продолжена рака на службите и политичкиот центар во Белград“.

„Неговата позиција во Скопје не е резултат на автономната политичка сила на српската заедница, туку дел од поширок механизам преку кој влијанието од Белград се проектира врз внатрешните односи во соседната земја. Кога во име на Србите во Македонија се објавува текст исполнет со ужасни навреди, закани и груби политички дисквалификации, тоа не ја штити заедницата, туку ја компромитира и предизвикува директна штета на нивната позиција, углед и долгорочни интереси“,рече Костреш.

Тој, исто така, ги повика претставниците на македонското малцинство во Војводина, како и низ цела Србија, јасно да го осудат овој „чин на злоупотреба“ на српската заедница во Македонија.

„Српската заедница во Македонија не смее да биде политичко оружје. Нејзиното име не смее да се користи за одбрана на луѓе кои го црпат своето влијание од врски со служби и авторитарни структури, а не од довербата на луѓето што наводно ги претставуваат. Србите во Македонија имаат право на достоинство, а не на улога на политичка алатка“рече Костреш.

СДСМ континуирано е во костец со Стоиљковиќ и обвинуваат дека тој ги брани руските интереси во земја членка на НАТО.

Инаку, минатата недела лидерот на СДСМ Венко Филипче на брифинг со новинарите најави дека ќе поднесат интерпелација против Стоиљковиќ, за, како што рече тој, насилничко однесување во парламентот поради навреди и пцости упатени кон пратеници на седницата за владина реконструкција, но и за време на паузата.

Back to top button
Close