Имаме докази дека услугите за кои биле издадени фактури никогаш не ѝ биле испорачани на ФФМ, вели обвинителот Азизи

Обвинителот на ОЈО ГОКК во изјава за новинарите информира дека бара притвор за осум осомничени и мерки за претпазливост за четири лица. За лицата што се недостапни, обвинителот рече оти имаат сознанија дека се наоѓаат во блиското опкружување и дека многу бргу би можеле да се појават пред органите на прогонот

Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција вчера отвори истражна постапка против 18 физички и осум правни лица, а меѓу осомничените се и двајцата поранешни претседатели на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), Илчо Ѓорѓиоски и Муамед Сејдини

Поголемиот дел од осомничените за проневера тешка речиси три милиони евра во Фудбалската федерација на Македонија од утрово се наоѓаат во Основниот кривичен суд каде што судија на претходна постапка треба да одлучи по предлозите на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) за определување мерки на претпазливост.

Како што соопшти надлежниот јавен обвинител, Фатон Азизи, во изјава за медиумите, во судот се наоѓаат сите 12 уапсени лица, меѓу кои и поранешниот претседател на ФФМ, Илчо Ѓорѓиоски, додека петмина не се достапни за органите на прогонот. Поранешниот претседател на Федерацијата, Муамед Сејдини, кој е второосомничен, веќе е во притвор за друго дело за кое беше уапсен во април годинава.

Азизи информира дека ОЈО ГОКК бара притвор за осум осомничени и мерки за претпазливост за четири лица. За лицата што се недостапни, обвинителот рече оти имаат сознанија дека се наоѓаат во блиското окружување и дена многу бргу би можеле да се појават пред органите на прогонот.

„Пет од вкупно 18 не се достапни. Според информациите со кои располагаме, сметаме дека некои од нив се во блиското опкружување. Сметаме дека многу бргу би можело да се појават пред органите на прогонот и да кажат своја теорија и став во однос на сето ова што се води како истрага“изјави обвинителот Азизи.

Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција вчера отвори истражна постапка против 18 физички и осум правни лица, а меѓу осомничените се и двајцата поранешни претседатели на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), Илчо Ѓорѓиоски и Муамед Сејдини.

Ѓорѓиоски и Сејдини се прво и второосомничени, а третоосомничена е раководителка на Одделението за финансии и сметководство во ФФМ. Тројцата, како што појасни денеска обвинителот, овозможиле исплата на пари кон фирми за наводни услуги и стоки кон Федерацијата, кои никогаш не биле извршени.

„Дејствата се од 2015 до 2019 година, со тоа што прво и второосомничениот како службени лица, претседатели на ФФМ, имаат потпишано вкупно 728 платни налози, што им биле доставени од страна на третоосомничената на потпис за реализација, со тоа што преку незаконски платени парични средства за услуги што никогаш ФФМ не ги добила од правните лица и за стоки што никогаш не влегле во ФФМ нанесена е штета од големи размери во износ од 180 милиони денари или речиси три милиони евра“,изјави јавниот обвинител Азизи.

Обвинителот во изјавата за медиумите пред Основниот кривичен суд Скопје појасни дека во текот на предистражната постапка биле обезбедени докази дека услугите за кои се издадени фактури никогаш не стигнале до ФФМ.

„Сите субјекти во поголем дел имаат соработка со ФФМ, меѓутоа дел од паричните средства што ги имаат добиено на незаконски начин ги имаат вметнато преку Олгица (раководителка на Одделението за финансии и сметководство во ФФМ) за да бидат реализирани и потпишани од страна на претпоставените, тоа се службените лица во својство на претседатели на ФФМ. Обезбедивме докази во текот на предистражната постапка дека тие услуги за кои се издадени фактури никогаш не стигнале до ФФМ. Притоа имаме и произнесување од претставникот на ФФМ како во однос на услугите и стоките така и во однос на висината на штетата што им е причинета“,изјави Азизи.

Како резултат на повеќегодишна предистражна постапка за ФФМ, вчера под раководство на јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, во координација со Управата за финансиска полиција, Управата за финансиско разузнавање Министерството за внатрешни работи, извршија претреси на домови, деловни простории и на лица на повеќе локации во Скопје.

Акцијата е резултат на претходно поднесена кривична пријава против три лица вработени во Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), управители, сопственици и овластени лица на правни субјекти, како и против самите правни лица, поради сомнение за сторени повеќе кривични дела и проневера на 2,4 милиони евра.

Според доказите од предистражната постапка, првоосомничениот Ѓорѓиоски, во својство на претседател на ФФМ, и по претходен договор со осомничената раководителка на Одделението за финансии, во периодот од 1 јануари 2015 до 25 јули 2018 година, со намера да прибават противправна имотна корист, присвоиле парични средства доверени во службата во вкупен износ од 127 451 156 денари (околу 2 милиони евра), додека второосомничениот Муамед Сејдини, исто така, како претседател на ФФМ, во договор со истата раководителка, во периодот од 25 јули 2018 до 10 октомври 2019 година, присвоил парични средства во износ од 53 351 209 денари (870 000 евра).

Осомничената раководителка на Одделението за финансии и сметководство на ФФМ, пак, со цел да ги прикрие незаконските исплати кон фирми, вршела манипулации со сметководствената евиденција на Фудбалската федерација, така што, најнапред плаќањата ги евидентирала како намалување на обврски по основ на влезни фактури, а потоа вршела измени на веќе евидентираните налози за книжење, бришејќи ги обврските и евидентирајќи ги како трошоци без наведување на конкретна фактура, услуга или деловен партнер.

Осомничените управители и сопственици на фирми издавале фактури со невистинита содржина за наводно извршени услуги и испорачани стоки кон ФФМ, врз основа на кои биле изготвувани налозите за исплата. Парите стекнати со кривичното дело потоа биле пуштани во оптек во финансискиот промет за да се прикрие нивното незаконско потекло.

Илчо Ѓорѓиоски и Муамед Сејдини со уште 16 лица се осомничени за финансиски криминал во ФФМ тежок три милиони евра

Според досега прибраните докази, осомничените управители, сопственици и овластени лица во фирмите, се товарат дека се огрешиле пред законот со тоа што во име и за сметка на правните лица издавале фактури со невистинита содржина за наводно извршени услуги и испорачани стоки кон ФФМ. Врз основа на тие фактури, осомничената раководителка изготвувала налози за исплата кои биле доставувани до одговорните лица во ФФМ за одобрување и потпишување.

Средствата прибавени со кривичното дело потоа, според Обвинителството, биле примани, раситнувани, пуштани во оптек и користени во финансискиот промет со цел прикривање на нивното незаконско потекло.

Back to top button
Close