„Ипсос“: Демократите во САД првпат по десет години со предност пред републиканците за економијата

Американските гласачи првпат по речиси една деценија оценија дека Демократската партија подобро управува со економијата од Републиканската, покажуваат резултати од спроведена анкета на „Ипсос“. Испитувањето на јавното мислиење исто така покажува пад на поддршката за американскиот претседател Доналд Трамп, чиј рејтинг на одобрување се намалил на 35 проценти.

Анкетата укажува дека начинот на кој администрацијата на Трамп се справува со економските прашања, вклучително и со растот на цените на енергенсите поврзан со војната во Иран, би можел да влијае врз позицијата на републиканците пред ноемвриските избори за Конгресот, на кои ќе се одлучува контролата врз законодавната власт во следните две години.

Рејтингот на одобрување на Трамп паднал на 35 од 37-те проценти во претходната анкета на „Ипсос“ спроведена минатиот месец. Уделот на Американците кои го поддржуваат неговото работење сега е само еден процентен поен над најниското ниво забележано за време на неговиот мандат.

Околу 37 проценти од испитаниците сметаат дека Демократската партија има подобар пристап кон управувањето со американската економија, додека 36 проценти предност и дале на Републиканската партија. Останати 27 проценти од анкетираните одговориле дека не се сигурни или дека некоја друга партија би ја водела економијата подобро.

Републиканците имаа предност кај гласачите кога станува збор за економијата во најголем дел од првиот мандат на Трамп од 2017 до 2021 година, потоа за време на четиригодишната администрација на поранешниот демократски претседател Џо Бајден, како и на почетокот на вториот мандат на Трамп.

На расположението на гласачите влијаело и влошувањето на финансиската состојба на домаќинствата поради растот на цените на бензинот по американско-израелските напади врз Иран во февруари и воениот конфликт на Блискиот Исток.

Анкетата, спроведена преку Интернет на национално ниво, покажала дека доколку изборите за Конгрес се одржуваат сега, 42 проценти од регистрираните гласачи би гласале за демократски кандидат, додека 37 проценти би го поддржале републиканскиот кандидат.

Независните гласачи опфатени со анкетата во поголема мера се определиле за демократите, со предност од 12 процентни поени во однос на републиканците.

Републиканците на изборите закажани за 3 ноември ќе ја бранат тесната предност во Конгресот.

Од вкупно 435 места во Претставничкиот дом, се очекува околу триесетина да бидат неизвесни, додека во Сенатот конкурентни би можеле да бидат околу осум места.

Трамп повеќепати ги отфрлаше резултатите на анкетите што покажаа незадоволство од неговото водење на земјата. Пред објавувањето на последните анкетни резултати, тој на платформата „Truth Social“ напиша дека неговите „вистински резултати од анкетите“ се најдобри досега.

Во испитувањето на јавното мислење биле опфатени 4.505 полнолетни Американци, со маргина на грешка од два процентни поени.

Back to top button
Close