Иран постави услов: Прво укинете ја блокадата, па ќе преговараме
Иран е подготвен да ги продолжи преговорите со САД, но само доколку Вашингтон ја укине блокадата и престане со, како што тврдат, кршење на примирјето, изјави иранскиот амбасадор во Обединетите нации, Амир-Саид Иравани.

Тој посочи дека веднаш по укинувањето на блокадата, новата рунда разговори може да се одржи во Исламабад, нагласувајќи дека Техеран е подготвен за сите сценарија.
„Ако бараат политичко решение – подготвени сме. Ако бараат војна – подготвени сме и за тоа“, изјави Иравани.
Сепак, перспективата за нови преговори станува сѐ понеизвесна. Иако во пакистанската престолнина се преземени засилени безбедносни мерки, оптимизмот опаѓа и сѐ помалку е веројатно дека разговорите ќе се одржат во најавениот рок.
Во меѓувреме, тензиите на теренот дополнително растат. Иран повторно се закани со напади врз американски и израелски цели доколку продолжи, како што велат, „агресијата“, а висок воен претставник предупреди дека и соседните земји би можеле да останат без нафта ако дозволат нивна територија да се користи за напади.
Од другата страна, САД не попуштаат. Американската администрација потврди дека блокадата на иранските пристаништа и извозот на нафта останува во сила, а дополнително се засилува притисокот и преку финансиски мерки, вклучително и ограничување на исплати кон Ирак.
Кризата веќе има глобални последици. Европската унија разгледува мерки за ублажување на енергетскиот удар, додека растот на цените на горивата ја принуди авиоиндустријата на кратење – германската „Луфтханза“ најави укинување на 20.000 летови.
Дополнителна загриженост предизвика и инцидентот во близина на Оман, каде ирански сили нападнале контејнерски брод, при што е оштетен командниот мост, но без жртви.
Со вакви развои, дипломатскиот процес останува блокиран, а ризикот од поширока ескалација расте од ден на ден.





