„Не сум изненадена, но сум вознемирена, новата истрага е конструкција“, вели адвокатката на Деко
Адвокатката на Дејан Јованов – Деко, сопственикот на дискотеката „Пулс“, Ивана Коцевска, реагираше по отворањето на новата истрага и определувањето нов 30-дневен притвор за нејзиниот клиент. Таа тврди дека станува збор за „конструкција на Обвинителството“ и дека одлуката за притвор, според неа, била однапред донесена.
Коцевска вели дека не е изненадена од одлуката, но е вознемирена од фактот што новата истрага е отворена непосредно пред истекот на законскиот рок за досегашниот притвор на Јованов.
„Не сум изненадена, но сум вознемирена. Сметам дека ова е конструкција на Обвинителството, а одлуката за притвор, според мене, е однапред донесена“, изјави Коцевска.
Досегашниот притвор на Јованов истекува утре. Меѓутоа, по отворањето на новата истрага и одлуката на судот да му определи нова мерка притвор во траење од 30 дена, тој останува во притвор.
Новата истрага се однесува на сомнение за кривично дело „давање поткуп“. Според наводите на Обвинителството, Јованов се сомничи дека дал поткуп на вработен во Министерството за економија со цел да добие лиценца за работа, иако, според обвинителството, знаел дека објектот не ги исполнува законските услови.
Одбраната, пак, тврди дека прашањата поврзани со лиценцата и исполнувањето на условите за работа на објектот веќе се разгледуваат во судската постапка за трагедијата во дискотеката „Пулс“.
„Овие наводи веќе се дел од расправата во предметот за трагедијата во „Пулс“. Сметам дека под притисок на јавноста се отвора нова истрага, која претставува конструкција и измислица“, изјави Коцевска.
Јованов денеска доби нов 30-дневен притвор. Новата мерка почнува да се извршува од 3 октомври, а тој треба да биде префрлен од КПУ Затвор Куманово во Затвор Скопје.






