Иран прогласи за можни цели медиуми на персиски јазик во странство

Иранските вооружени сили прогласија неколку медиуми на персиски јазик во странство како потенцијални цели, јави ДПА, повикувајќи се на медиуми во Иран.
Портпаролот на војската, Аболфазл Шекарчи, ги наведе програмата на персиски јазик на Би-Би-Си, Иран Интернешнл и Радио Фарда меѓу можните цели на напад, објави денеска иранската новинска агенција Тасним.
Генералот ги обвини тие медиуми за врски со израелските и американските разузнавачки служби. Шекарчи не спомена за форма на можни напади.
Голем дел од Иранците не им веруваат на медиумите контролирани од државата, кои се цензурирани дури и во мирно време, наведува ДПА, додавајќи дека властите дополнително ја зајакнале својата контрола врз медиумите во Иран за време на војната, која започна со израелско-американските напади врз Техеран на 28 февруари годинава.






