Иран соопшти нов биланс: Во американските напади од 27 јуни досега загинаа 53 лица, а 592 се повредени

Американските воздушни напади врз Иран од 27 јуни досега однесоа 53 животи, а 592 лица се повредени, соопшти денеска иранското Министерство за здравство, во услови на ескалација на тензиите во регионот.
Раководителот на Центарот за односи со јавност и информирање при Министерството за здравство, Хосеин Керманпур, изјави дека бројките се однесуваат на периодот од 27 јуни до денеска во 8:30 часот по локално време, според објава на социјалната мрежа Икс.
Тој наведе дека 535 од повредените биле пуштени на домашно лекување по укажаната медицинска помош, 36 лица и натаму се хоспитализирани, а 21 пациент бил третиран на местото на нападите.
САД од минатата седмица извршија серија воздушни напади на повеќе локации во Иран, додека Техеран возврати со напади врз објекти и бази за кои тврди дека ги користи американската војска во неколку земји од регионот.
Размената на напади продолжува и покрај рамковниот договор постигнат во јуни, со посредство на Пакистан, чија цел беше прекин на војната што започна во февруари и создавање услови за траен мировен договор.






