Иранскиот весник „Хамшахри“ објави „листа за отстрел“ поради убиството на ајатолахот Хамнеи

Иранскиот ултраконзервативен весник „Хамшахри“ денеска објави список на личности, кои треба да платат со своите животи за смртта на ајатолахот Али Хамнеи, меѓу кои се Доналд Трамп, Бенјамин Нетанјаху, Емануел Макрон и други европски лидери.
Иранскиот врховен лидер ајатолахот Моџтаба Хамнеи, во вчерашната пишана изјава, по погребот на неговиот татко, кој беше убиен на 28 февруари во израелско-американскиот напад врз Иран, наведе дека одмаздата е неизбежна.
– Оваа одмазда е волја на нашата нација и неизбежно мора да се изврши. Овие криминалци, чии имиња се на списокот, ќе ја понесат во своите гробови желбата за мирна смрт во своите кревети, истакна ајатолахот Моџтаба Хамнеи,
„Хамшахри“ објави фотографии на 13 лица од кои американскиот претседател Трамп и израелскиот премиер Нетанјаху со нацртана мета.
На листата се наоѓаат и американскиот државен секретар Марко Рубио, како и европски лидери, меѓу кои францускиот претседател Макрон, италијанската премиерка Џорџа Мелони германскиот канцелар Фридрих Мерц и британскиот премиер во заминување Кир Стармер.
Иран ги критикува европските земји за тоа што не ги осудуваат нападите врз негова територија, па дури и за соучество со тоа што им дозволија прелети на американските воени авиони над нивниот воздушен простор.
Трамп вчера изјави дека и наредил на армијата да биде подготвена за напади врз Иран, ако Техеран се обиде или изврши атентат врз него.
– Илјада ракети се распоредени и насочени кон Исламската Република Иран, а уште илјадници се подготвени веднаш да следат доколку иранската влада ја исполни својата закана, упатена на многу места низ целиот свет, за атентат или обид за атентат врз актуелниот претседател на САД – во овој случај МЕНЕ!, објави Трамп на сопствената социјалната мрежа „Трут соушл“ (Truth Social).
Тој додаде дека наредбата е веќе издадена, а американската армија е подготвена „целосно да ги опустоши и уништи сите области на Иран“.






