Иранското раководсто ја одбива втората рунда разговори со САД во Исламбад
Иранското раководство се спротивставува на одржување втора рунда разговори со САД, објавија вечерва државните медиуми, неколку часа откако американскиот претседател Доналд Трамп објави дека неговите преговарачи утревечер ќе бидат во Пакистан за новите преговори за завршување на војната, јави ДПА.
Откако првата рунда разговори не успеа во Пакистан минатата недела, Техеран одбива одржување втор состанок бидејќи прекумерните барања на САД, постојаното менување на курсот на Вашингтон и континуираната поморска блокада на иранските пристаништа не нудат „никаква ветувачка перспектива за сериозни преговори“, објави државната агенција ИРНА.
Агенцијата ги опиша извештаите дека втората рунда разговори ќе се одржи во Пакистан следната недела како медиумска кампања организирана од САД, насочена кон вршење уште поголем притисок врз Техеран преку меѓусебни обвинувања.
Трамп претходно денеска објави дека американските претставници ќе бидат во Исламабад во понеделник навечер на понатамошни разговори, но нема официјална потврда од Техеран дали таму ќе бидат и ирански преговарачи.
Извори од Белата куќа изјавија за ДПА дека во американската делегација ќе бидат потпретседателот Џ.Д. Венс, кој ги водеше преговорите минатиот викенд во Исламабад кои завршија без опипливи резултати, како и специјалниот пратеник Стив Виткоф и зетот на Трамп, Џаред Кушнер, потсети ДПА.
Иранската агенција Тасним, која е блиска до Корпусот на Исламската револуционерна гарда, претходно објави дека нема да има понатамошни преговори сè додека американската морнарица продолжува да ја блокира Ормуската Теснина, повикувајќи се на неименуван извор запознаен со ова прашање, пренесе ДПА.






