Истрага на ОН: Русија системски користела методи на мачење на жртви во Украина

Руските методи на мачење во окупираните делови на Украина биле толку брутални што довеле до смрт на некои жртви, изјави денеска Ерик Мозе, шеф на истражната комисија на ОН.

Мозе, претседател на Комисијата за истрага за Украина, изјави пред Советот за човекови права на ОН во Женева дека неговиот тим „собрал дополнителни докази кои укажуваат дека тортурата од руските вооружени сили во областите под нивна контрола била широко распространета и систематска“.

 

– Во некои случаи тортурата била толку брутална што предизвикала смрт на жртвата, рече тој.

Комисијата предводена од Мозе ги обиколи деловите на Украина кои претходно беа окупирани од руските сили, како што се регионите Херсон и Запорожје. Утврдено е дека тортурата главно се одвивала во притворни центри под контрола на руските власти.

Комисијата претходно соопшти дека дејствијата на руските сили во Украина, вклучително и мачењето, може да претставуваат злосторства против човештвото.

Русија негира дека извршила злосторства или дека цели на цивили во Украина. Москва доби можност да одговори на обвинувањата на сослушување во Комисијата, но ниту еден руски претставник не се појави.

Back to top button
Close