ВИДЕО: Ива Михаилова нема намера да се врати во Македонија, го обвини Мицкоски за финансирање медиуми за ширење омраза кон бугарскиот народ и Бугарија

Ива Михаилова од Кочани, против која се води судска постапка за сообраќајна несреќа со смртни последици, во гостување на подкаст во Бугарија изнесе низа обвинувања на сметка на македонските институции, судството и обвинителството. Таа тврди дека третманот во судската постапка се променил наполошо откако се декларирала како Бугарка, а обвинителот кој го водел предметот го обвини за бугарофобија и барање пари за поблага пресуда.

Screenshot

Михаилова, за која МВР распиша меѓународна потерница откако пред околу еден месец се појави во Бугарија, гостувала во подкаст заедно со својот адвокат Николај Димитров. Во разговорот го обвини премиерот Христијан Мицкоски дека лично финансирал 90 отсто од македонските медиуми за, како што тврди, ширење омраза кон бугарскиот народ и Бугарија.

Таа упати обвинувања и за наводно барање поткуп, следење од македонските служби и влијание на таканаречениот „српски свет“ врз Македонија.

Осврнувајќи се на сообраќајната несреќа во која загина 33-годишниот Бесим Дурмиши од Љуботен, Михаилова изнесе тврдење дека несреќата ја предизвикале работници кои ја реновирале вилата на министерот за надворешни работи и трговија, Тимчо Муцунски, наведувајќи дека тие наводно навлегле во нејзината сообраќајна лента.

Таа го критикуваше и начинот на кој се одвивало судењето, тврдејќи дека расправите биле одржувани во мала и преполна сала, без соодветно проветрување. Според нејзините зборови, обвинителот барал пари за да ѝ биде изречена поблага пресуда, а судијата ги затворал прозорците и покрај тоа што присутните со часови биле во просторијата.

Михаилова повтори дека поради, како што наведува, недостиг од специјализирани лекари во Македонија, морала да продолжи со лекувањето во Бугарија, каде што ја очекувале подолготрајни медицински третмани во повеќе болници, вклучително и во странство. Таа порача дека нема намера повторно да се врати во Македонија.

На 12 октомври Михаилова гостуваше и на бугарската телевизија БТВ, каде што соопшти дека ја напуштила Македонија. Тогаш тврдеше дека уредно ја преминала македонско-бугарската граница, излегувајќи од Македонија со македонска лична карта, а влегувајќи во Бугарија со бугарски документ.

Нејзиниот адвокат Николај Димитров тогаш одби да открие на кој граничен премин ја минале границата, образложувајќи дека не сака да им предизвика проблеми на луѓето кои, според него, им помогнале.

Back to top button
Close