Изјавите на Вархеји за раздвојување на С Македонија и Албанија не се став на ЕК – новинари од Брисел цитираат извори од ЕУ
Новинарот на „Волстрит џурнал“, Лоренс Норман реагираше на Твитер на изјавата на Вархеји и тврди дека извори од ЕУ велат дека разделување на процесите не се планираат.
„Ова е интересно. Висок претставник на ЕУ ми рече дека изјавите на Оливер Вархеји не претставуваат став на ЕК. Поточно, изворот рече дека Комисијата поддржува брзо отворање на пристапни преговори и со С Македонија и со Албанија. ‘Не планираме одвојување’“,
пишува Норман.
Неговиот колега уредник во „Политико“, Ендрју Греј, вели дека и тој добил потврда од висок претставник на ЕУ дека не се планира одвојување на процесите за пристапување кон ЕУ за двете земји.
„Ние во ‘Политико’ исто така добивме информација од висок претставник на ЕУ дека не се планира раздвојување на Албанија и С Македонија. Можеби е обид за притисок врз С Македонија за да се договори со Бугарија? Но, мала е веројатноста кога на комесарот му противречат други официјални лица, а Бугарија сега нема ниту Влада!“,
пишува Греј на Твитер.
Еврокомесарот за проширување и соседска политика, Оливер Вархеји, во изјава за „Еуроњуз“ денеска рече дека постои можност за одвојување на С Македонија и Албанија во пристапните преговори.
Процесите за пристапни преговори на С Македонија и Албанија за членство во ЕУ отсекогаш биле „во пакет“, но сега С Македонија е блокирана од страна на Бугарија, па ова може да доведе промени, сугерираше Вархеји.
„Ако повторно наидеме на тешкотии со Северна Македонија, што значи дека немаме успех во убедувањето на Бугарија и Северна Македонија за зедничко решение, тогаш прашањето е дали можеме да одиме напред само со Албанија. И ќе мора да го разгледаме тоа прашање – рече Вархеји
Во кус коментар објавен денеска и порталот Политико го тврди истото. Бриселскиот медиум, исто така се повикува на висок функционер кој експлицитно ги демантирал изјавите на Вархеји веднаш откако тој ја дал изјавата за Еуроњуз. „Од Комисијата следуваше експлицитен одговор: Службите не подготвуваат никакво раздвојување, вели висок функционер, сугерирајќи дека унгарскиот комесар можеби е премногу добро поврзан дома, каде што поранешниот премиер на Северна Македонија, Никола Груевски, го доби она што Унгарија го нарекува азил, откако беше осуден на две години затвор за злоупотреба на службената положба“, пишува Политико.