Изгаснат пожарот на македонско-косовската граница кој го загадуваше Скопје
Вчерашниот ден беше еден од најтешките во оваа сезона на пожари, со повеќе од 40 пожари во текот на денот, од кои над 30 се изгаснати, а во моментов активни се четири, информира директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов.

Пожарот на македонско-косовската граница, кој беше активен неколку дена, е целосно изгаснат. Според Ангелов, во моментов нема горење од ниту една страна на границата и пожарот повеќе нема да предизвикува загадување во Скопје.
Пожарот кај Милетино повторно се активирал во текот на ноќта, но пожарникарите успеале во раните утрински часови да го стават под целосна контрола. Ангелов предупреди дека постои можност повторно да се активира поради високите температури.
Пожарот во Старо Нагоричане, кој зафатил огромна површина, е целосно изгаснат во раните утрински часови.
Најкомплексен и денеска е пожарот кај Рамно на Скопска Црна Гора. Во гаснењето дејствува еден полициски хеликоптер како поддршка на пожарникарите, активирани се неколку тима од „Национални шуми“, а ангажирани се и 30 припадници на Армијата.
Активен е и пожарот кај Белица, Македонски Брод, каде што на терен се пожарникари од Македонски Брод. Пожарот е на тешко пристапен, а на одредени места и на непристапен терен.
Пожарот кај Селце и Локов, кој е активен неколку дена, утрово повторно покажува знаци на горење. Ангажирани се пожарникари од Струга, а доколку има потреба ќе биде испратен и воздухоплов.
Ангелов предупреди дека во текот на денот се очекуваат промени поради високите температури и апелираше граѓаните да бидат исклучително внимателни.






