„Изгубени германци“ во Вашингтон
Чопоративното патешествие на македонската делегација на инаугурацијата на американскиот претседател Доналд Трамп ми заличи на една приказна за „изгубените германци“ што ја овековечи во култна драма Дејан Дуковски. Во Македонија имало измислен многу богат рудник. Некој од важните и влијателни индустријалци и офицери блиски до Хитлер, за да ги тргнат своите деца од виорот на војната, измислуваат рудник во којшто нивните синови не копаат ништо, а во Берлин го плаќаат тоа што не е ископано.
Работата со спектакуларната инаугурација испадна каде бевте? Нигде. Што направивте? Ништо. Или, што би рекле Србите, „само да им дупе види пут“. Еден бербер во Штип познат шегаџија своевремено додека го потстрижувал еден висок македонски функционер, по неговата посета на Русија, го прашал дали во Москва има чавки. Да, да, видов има чавки. Добро бе пријателе, тебе таму те пративме чавки ли да гледаш.
Нашата мешовита туристичка група не ги виде чавките во Вашингтон, туку во Македонија. Постигнаа неверојатен успех дома сликајќи се во Вашингтон. Тие што се јуначеа и ја теглеа за уши Америка како големи патриоти под јорган планина преку ноќ станаа одушевени амириканофили и трамписти поголеми и од Америкаците. Ја обожуваат Америка и претседателот Доналд Трамп.
Тоа ќе потрае уште малку додека не стаса ферманот на Трамп за „земи или остави“, дипломатија, што нашата претседателка на државата, Гордана Сиљановска-Давкова, како што вели, не може да ја разбере. А, странските дипломати во Скопје на кои им одржа предавање, како на своите студенти, не можат да разберат зошто воопшто се нафатила да биде претседател кога не може да разбере нешто што постои отако постои светот и векот, а тоа е „дипломатијата“ на интереси, на моќ, на морков и стап, на земи или остави. Ќе признаете ептен неразбирливо.
Нема да помине многу време кога хорот пак ќе вика на сет глас нема правда за кутра Македонија. Тогаш ќе ги вратат на јавна сцена достоинството и гордоста. Првите укази што ги потпиша претседателот Трамп веќе го навестуваат тоа. Интереси и само интереси господа туристи со државни стотици илјади евра. Ќе си ја платиме екскурзијата поскапа од вашите големи достигнувања и оро ќе играме. Само што малку ми се измешаа работите со странските платеници во Македонија, американските шпиони и домашни предавници. Дали трампистите ќе им го земат лебот, или овојпат тоа не е исто. Да не ги мешаме непријателите со патриотите.
Дали можете да одговорите на прашањето што ќе избере големиот пријател Трамп за да удри со тупаница за Македонија од утре да ги почне преговорите со ЕУ и експресно да стане членка на Унијата. Кои интереси тогаш ќе превладеат. Се разбира, го знаете одговорот, ама чаламот ви е поголем од реалноста. Тоа уште добро се продава бадијала во Македонија. Ако не биде ништо, патриотите ќе смислат нова приказна за вавилонската ороспија и за лошите комшии. Сѐ така додека се верува на лагите.
Мислам дека би било добро на скопскиот аеродром да се приреди голем пречек за нашите „гурбетчии“ во Америка кои само за неколку дена направија крупни зделки за добро на татковината. Од американските милијардери ќе се слеат милиони долари инвестиции во Македонија. Претседателот Трамп веќе ја запре помошта што ја дава Америка на многу држави, ама Македонија вечна ќе има посебен статус на три кафени лажичиња дневно додека не застане на нозе. Ете тоа е големиот успех на единствената висока делегација од регионот предводена лично од премиерот кој беше, или не беше поканет, сеедно.
Штом го видовме Христијан Мицкоски како разговара и прави значајни договори со многу богати луѓе за благодет на татковината значи работата е завршена само за седум месеци, нешто што никој досега не успеал во изминатите сто години. Важен е резултатот од пропагандата која со денови ни ги отече… главите како балони да не речем нешто друго.
Како заклучок пораката на мојот пријател: Ако на глупоста не ѝ можеш ништо направи шега на нејзина сметка и горчливо насмеј се. Тоа глупоста нема да ја смени, ама така полесно се поднесува. Довидување до
следната инаугурација на американски претседател. Ако бидеме тука.
АВТОР ЕРОЛ РИЗАОВ
ПРЕЗЕМЕНО ОД НЕЗАВИСЕН.МК