Излезе од печат збирката „Бибер 06″ – меѓу избраните еден македонски автор
Ве известуваме дека официјално е објавена повеќејазичната збирка „Бибер 06″, која ги содржи најдобрите 24 раскази избрани од вкупно 490 пристигнати на шестиот регионален конкурс „Бибер”.
Жирито во состав: Алмин Каплан, Јасна Димитријевиќ и Тања Ступар Трифуновиќ, имаше задача да ги селектира најквалитетните дела кои се занимаваат со темата на помирувањето во контекст на наследството од војните и насилствата во земјите од поранешна Југославија.
Особено сакаме да го истакнеме фактот дека меѓу авторите од различни земји од регионот и Европа, Република Северна Македонија е застапена само со еден автор – Драган Симоновски, кој учествува со својот расказ „Снегот”. Ова е значаен момент кој ја отсликува конкурентноста на конкурсот и воедно ја нагласува важноста на поддршката на македонските автори кои се занимаваат со вакви значајни теми.
„Бибер” е конкурс за краток ангажиран расказ кој се објавува на албански, македонски, босански, хрватски, српски и црногорски јазик. Неговата главна цел е да поттикне раскази кои придонесуваат за намалување на омразата, прекинување на предрасудите, соочување со минатото и градење на подобра иднина во регионот.
Овој конкурс е организиран од страна на Центарот за ненасилна акција Сараево – Белград.