Израел го бомбардираше Либан по наводниот ракетен напад од либанска територија
Израел вчера изврши бомбардирање на соседен Либан, при што загинаа шест лица, меѓу кои и едно дете, соопштија либанските власти.
Тоа следи по пресретнување на ракети, наводно истрелани од либанска територија, кон Израел.
Либанскиот проирански Хезболах ја негираше одговорноста за ракетниот истрел, за кој никој не ја презеде одговорноста, и го обвини „израелскиот непријател“ дека бара оправдување за континуираните напади врз Либан.
Ракетниот истрел врз Израел е прв ваков инцидент по стапувањето во сила на прекинот на огнот со Хезболах, постигнат на 27 ноември.
Договорот за прекин на огнот стави крај на војната меѓу израелската армија и Хезболах, кој отвори фронт против Израел во знак на солидарност со палестинскиот Хамас, на почетокот на војната во Газа во октомври 2023 година.
Прекинот на огнот донесе релативен мир во Либан по повеќе од една година израелски напади врз објекти за кои израелската војска тврди дека се поврзани со Хезболах.
Израел делумно ги повлече војниците од јужен Либан на 15-ти февруари.
Израелската армија вчера утрото пресретна три од шест ракети истрелани од јужен Либан кон северниот регион Галилеја.
Како одговор, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и нареди на војската да нападне цели во Либан.
Тогаш израелската војска објави дека цели на десетици ракетни фрлачи и команден центар на Хезболах во јужен Либан.
Либанското Министерство за здравство извести дека пет лица, меѓу кои и едно дете, загинале, а осум други се ранети во еден од нападите во градот Тулин.
Вечерта Нетанјаху и министерот за одбрана Израел Кац наредија втор бран напади врз десетици цели на Хезболах, соопшти кабинетот на Министерството за одбрана.
Либанските медиуми објавија дека имало повеќе израелски напади на југот и на истокот на земјата, вклучително и во градот Тир, каде што едно лице загина, а седум се ранети.
Началникот на Генералштабот на израелската армија Ејал Замир вети остар одговор на секој ракетен истрел од либанска територија.