Известувач на ОН: Во Северна Кореја има недостиг на храна

Специјалниот известувач за човекови права на Обединетите нации во Демократска Народна Република Кореја, Томас Охеа Кинтана денеска изрази загриженост за, како што рече, широко распространетиот недостиг на храна во Северна Кореја.

Тој додаде дека состојбата се влошила за време на речиси петмесечното затворање на границата со Кина и строгите мерки за карантин, воведени поради пандемијата.

Кинтана го повика Советот за безбедност да ги разгледа санкциите изречени на Северна Кореја за да може да се обезбеди храна.

Северна Кореја, која претрпе глад во средината на 90-тите години, од што починаа три милиони луѓе, е единствената земја во светот која не пријавила случаи на коронавирус до Светската здравствена организација.

Пандемијата донесе драстични економски тешкотии за Северна Кореја, рече Кинтана, додавајќи дека падот од 90 проценти во трговијата со Кина во март и април доведе до огромни загуби.

Тој рече дека има извештаи за зголемување на бројот на бездомници во големите градови и деца на улиците. 

Според него, се зголемува бројот на семејства кои јадат двапати на ден или јадат само пченка, додека некои гладуваат.

Back to top button
Close