Каде патува Македонија

Почитувани читатели, денешнава колумна ќе ја посветам на мојата и ваша Македонија, укажувајќи на сериозни негативни појави во нашата реалност кои постепено може скапо да нѐ чинат, особено за идентитетско самоуништување.

Деновиве сме сведоци на предложениот владин буџет за наредната 2024 година, кој за жал ќе биде поткрепен со позајмици од меѓународниот пазар на пари.

Од осамостојувањето на Република Македонија па до денес, буџетите кои се носат од владите се единствениот чинител кој ја подига задолженоста кон надворешните доверители.

Не паметам ниту еден буџет изготвен согласно сопствените извори на финансирање! Со еден збор владите на Република Македонија си ги креираат буџетите согласно нивните потреби и во најголем степен за потребите на државната администрација.

Носењето на буџетите се прави на принципот „купи ден”, или во случајов „купи година, а понатаму ќе видиме”.

Денес Македонија се соочува со апокалиптични појави кои можат да ја однесат државата во бездна. Сиромаштијата е во секојдневен раст, блиску 700.000 наши сограѓани живеат со дневни приходи меѓу 60-200 денари на ден. Пензионерите кои се на број 330.000, мака мачат да се справат со инфлацијата која секојдневно ги удира. Вкупно 97.000 пензионери денеска примаат пензија од 12.300 денари, што е факт дека стануваме сериозно сиромашна држава.

Од друга страна, масовното заминување на младата работоспособна и репродуктивна популација е вистинскиот проблем на кој мора да му посветиме внимание и да му ставиме крај.

Секој поединец во нашата држава е наша заедничка инвестиција, бидејќи во него сме инвестирале сите заедно и како семејството и како општеството. Единката во која државата инвестира е нејзин основен капитал. За жал, ние секојдневно го губиме сопствениот потенцијал. Без млада работоспособна и репродуктивна популација, Македонија ја губи иднината, а без иднина ќе станеме минато.

Жално е што во предложениот буџет за 2024 година не можам да видам стратегија која ќе го сопре одливот на младата работоспособна популација. Мене лично не ми пречи дури и енормно задолжување на Република Македонија со средства од меѓународниот пазар на пари кои ќе бидат наменети за стопирање на овој процес на иселување. Во стратегијата мора да биде вклучен систем, не советувања, туку дела. Да се убеди граѓанинот во Република Македонија дека неговото место и неговата иднина треба да ги гради тука во Македонија. Потребни се силни реформи во образованието, здравството и севкупниот општествен систем. Правдата и владеењето на правото мора во целост да се имплементира. Поединецот заеднички треба да го убедиме да остане тука, но со оптимални услови за него.

Државата и државниот апарат со сите институции во неговото работење треба да бидат посветени кон поединецот. За мене тоа е единствениот начин да ги убедиме нашите поколенија својата иднина да си ја градат на нашите огништа.

Ако го задржиме во Македонија човекот наоружан со знаење и вештини, тогаш бидете сигурни ќе следи силен економски развој на државата кој ќе се отслика во сите сфери на општествено живеење, култура, уметност, спорт и сите сегменти од животот. Тоа истовремено ќе значи збогум на сиромаштијата.

Поврзаноста меѓу одливот на младата работоспособна популација и сиромаштијата е силна. Го губиме носечкиот креативен капитал за нашиот развој, а тоа е човекот.

Дали сме спремни да ѝ погледнеме на вистината во очи? Дали сме спремни да се зафатиме во костец со ова зло?

Никој од надвор нема да ни го реши проблемот, мораме сами да се справиме со личната голгота.

Во животот, за мојот личен опстанок не сум молел, туку сум се борел. Би сакал да обезбедиме квалитетни услови за живот и егзистенција на нашите поколенија, а за тоа треба лична борба и посветеност.

 

Трифун Костовски

 

 

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close