Како конкуренцијата отпадна од игра од софтверските тендери на Рашковски?

Во највредните тендерски постапки за набавка на софтвер од страна на владиниот генерален секретаријат на чело со Драги Рашковски учествувале повеќе компании, при што некои сами се откажале од трката за склучување на договор за јавна набавка, додека една била дисквалификувана, иако поднела скоро тројно пониска цена, пишува најновиот број на неделникот Фокус.

Во име на секретаријатот, Рашковски лани го склучил најголемиот договор во вредност од скоро милијарда денари за набавка на софтверски лиценци со конзорциумот меѓу „Аитоникс“ и „Крејон“. Извештајот од спроведената тендерска постапка покажува дека оваа групација доставила само 200 евра пониска првична понуда од конкурентот „Комтрејд“, кој одлучил да не се натпреварува на електронската аукција.

„Комтрејд на 22 јуни 2020 година доби покана за учество на е-аукција, која дефинира дека минималната разлика во цената што може да ја понуди „Комтрејд“ е 4.500.000 денари. Бидејќи нашата првична понуда беше на работ на економска профитабилност, не најдовме никаков деловен интерес за понатамошно намалување на понудата за 5 проценти“, велат од компанијата.

Инаку, оваа тендерска постапка се спроведе по вторпат, откако првиот обид пропадна по жалба на „Некстсенс“, која навела дека договорниот орган одбил „соодветно да одговори на прашањата за појаснување или измени на тендерската документација“. Меѓутоа, оваа компанија воопшто не учествувала на повторената постапка, иако биле избришани сите услови во делот на техничката и професионалната способност на компаниите.

„Предмет за јавната набавка беа софтверски лиценци од специфична програма на производителот која може да ја продаваат само компании кои поседуваат активен договор со производителот за таков вид на продажба. Во времето пред повторената постапка, не бевме повеќе авторизирани…“, велат од „Некстсенс“.

Кон крајот на 2019 година, Рашковски набавил и софтвер за систем за координација во планирањето и спроведувањето на политиката за рамномерен регионален развој, наречен СИРЕРА, кој се уште не е предаден на употреба на надлежното Министерство за локална самоуправа. Имено, договорот бил склучен со охридската компанија „Ентер“ од 38,8 милиони денари, иако компанијата „Семос“ доставила скоро трипати пониска понуда од 15,7 милиони денари.

Арно ама, оваа понуда воопшто не била земена во предвид за бодување, бидејќи била дисквалификувана, и покрај тоа што, тврдат од „Семос“, доставиле целосна понуда со сите барани документи. Затоа, компанијата поднела Жалба против Одлуката за избор на најповолен понудувач, но Државната комисија за жалби по јавни набавки ја одбило жалбата поради неоснованост. Сепак, од таму одлучиле да не покренат управна постапка, поради, како што велат, долгото времетраење на овие процеси.

Како што е познато, Рашковски заврши во притвор за набавката на софтвер од „Инвока Гроуп“ за безбедност во сообраќајот, кој се уште не се користи. Тој заедно со уште 3 лица е осомничен за злоупотреба на службена положба и оштетување на буџетот за сума од десетина милиони денари, бидејќи за потребите на овој софтвер биле склучени уште два договори за јавна набавка.

Целиот текст прочитајте го новиот број на неделникот кој можете да го купите и во електронска форма на овој линк.

Back to top button
Close