„Камп Ноу“ преплавен со знамиња на каталонска независност

Знамиња со „естелада“, симболот на каталонското движење за независност го преплавија култниот стадион „Камп Ноу“ изминатата вечер, пред натпреварот од шпанското фудбалско првенство меѓу Барселона и Атлетик Билбао, што беше прво појавување на каталонскиот гигант пред домашната публика оваа сезона.
Истакнувањето на „естеладата“ дојде како одговор поттикнат од каталонските здруженија и многу навивачи на Барселона, на полициската постапка кон неколку навивачи минатиот викенд во Елче, град во југоисточна Шпанија.
Како што ден претходно најави претседателот на клубот, Жоан Лапорта, на „Камп Ноу“ во четвртокот вечер не беше одржана планираната прослава за осумте играчи на Барселона кои го освоија Светското првенство со Шпанија минатиот месец. Наместо тоа, култниот стадион беше преплавен со развиорени знамиња кои симболизираат независност од Шпанија.
Акцијата не беше официјално организирана или промовирана од Барселона, но клубот ја поддржа иницијативата.
Лапорта претходно го коментираше инцидентот во Елче, во кој неколку навивачи со знамиња на каталонската независнот, вклучувајќи и малолетник, беа подложени на полициски третман.
„Снимките се морничави и многу јасни. Откако ќе се утврдат фактите, ќе побараме да се применат соодветни санкции и казни“, рече Лапорта.
„Сакаме навивачите на Барселона и Каталонците да можат да го носат знамето без страв за својот физички интегритет и дека овој симбол ќе престане да биде стигматизиран од безбедносните сили и јавниот ред на државата“, додаде претседателот на Барселона.
Шпанскиот полициски синдикат јавно застана во одбрана на полицајците, нарекувајќи ја нивната интервенција „беспрекорна и пропорционална“.
Синдикатот тврди дека „естеладата“ не била единствената причина за интервенцијата, туку дека еден навивач ја искористил како изговор за провокација и расистички скандирања.
Според полицискиот синдикат, навивачот нападнал неколку полицајци за време на процесот на идентификација и апсење.
Во исто време, шпанското Министерство за внатрешни работи отвори внатрешна истрага за да утврди дали била употребена прекумерна сила за време на интервенцијата.
Министерот за внатрешни работи Фернандо Гранде-Марласка изјави дека е можно да имало непропорционална употреба на сила.






