Катна кај Собрание: Паркирани интереси и негрижа
Институциите на нозе за неизградената гаража
По промената на власта, совршено се наместија коцките за приватниот инвеститор на катната гаража до Собранието, и покрај тоа што компанијата „Анго“ десет години не го изгради објектот.vОна што повеќе од деценија, надлежните упорно го занемаруваа – сериозниот потенцијал да биде безбедносен ризик за пратениците, денес, пак, новата влада бргу го усвои како главен аргумент за да ја обесштети фирмата, пренесува Призма.
Парчето земја од 2.500 квадратни метри, вгнездено меѓу парламентот, Домот на АРМ и Управниот суд, 11 години по продажбата, иако речиси недопрено, сега е на листата на приоритети на премиерот и на Собранието.
Атрактивното земјиште што фирмата тогаш го купила за околу 330.000 евра, односно за 8,355 денари по квадрат, несомнено ќе има повисока цена.
Владата веќе го третира прашањето како ургентно и, според изјавите на премиерот, се бара начин да се обесштети компанијата и пратениците да бидат безбедни и, како што вели тој, да нема оштетена страна. Извесно е дека државата ќе си го врати земјиштето што воопшто не требаше да го продаде, а цената за оваа децениска институционална сага ќе ја платат граѓаните.
Соседи и пријатели
Во авантурата да се гради објект на само неколку метри од витален државен објект, каков што е парламентот, влегле Општина Центар и Министерството за транспорт и врски во 2012 и во 2013 година, кога последователно се сменил ДУП-от и се продало градежното земјиште.
Тогаш никој не го вкалкулирал безбедносниот ризик.
Безбедносна проценка имало кога Министерството за транспорт првпат решава да го даде земјиштето на користење, на 20 години, за да се направи подземен паркинг во 2009 година. Тогаш МВР под водство на Гордана Јанкулоска вели дека е безбедно.
БИРН имаше увид во документи што покажуваат дека сегашниот министер Панче Тошковски во 2009 година е член на комисијата на Министерството за транспорт што го спровела јавното наддавање, при првиот обид да се најде инвеститор.
„Можно е да сум бил во комисијата, не знам, ако имате документи што го покажуваат тоа – веројатно сум бил“, вели Тошковски за БИРН.
Тој прв обид за отуѓување пропаѓа, откако избраниот инвеститор „Макоил“ се откажува од земјиштето во 2012 година.
Одлучувачки комисии со проблематичен состав
Во комисијата што ја дава парцелата на „Анго“, член бил и Дејан Митески, актуелен градоначалник на Аеродром и обвинет во „Шпански скали“.
И други членови, и на таа, и на првата комисија на Министерството за транспорт и врски што учествувале во проектот за гаража беа обвинети во случаите „Шпански скали“ и „Топлик“.
Во 2013 година, Министерството за транспорт, на сличен начин ја избрала „Анго“ за нов инвеститор, но овојпат им го продава земјиштето за надземна гаража. Тошковски во тоа време не е веќе во Министерството.
Фактот дека Тошковски имал професионална релација со „Анго“, им бил адвокат, ја поттикнува медиумската лицитација за мотивите поради кои гаражата „исплива“ на врвот на агендата на новата власт.
Меѓутоа, Тошковски, за БИРН, потврди дека има и блиски приватни релации со сопствениците на „Анго“, брачниот пар Трпковски.
„Дали семејството ми е блиско? Ви кажувам – да! Дали сум ги застапувал? Да! Дали, освен во тој предмет, сум ги застапувал и во други? Да! И поради тоа како министер се изземав од овој случај“, вели тој.
Освен што се пријатели, БИРН открива дека тие се и соседи, во малата зграда во Буњаковец, што неодамна беше предмет на препукување меѓу министерот и СДСМ.
Тошковски бил коинвеститор за изградбата на зградата заедно со генералниот секретар на Владата, Игор Јанушев. Во зградата има вкупно шест стана. Трпковски купиле стан подоцна, во 2023 година.
„Јас, како адвокат, им го изготвив купопродажниот договор за станот“, вели министерот за БИРН, инсистирајќи дека свесно се дистанцирал од актуелностите поврзани со неговите пријатели и поранешни клиенти.
Се работело главно на хартија
„
Точно на денот кога истече рокот од десет години за изградба на гаражата, во вторникот, на 10 септември, се одржа состанок меѓу претставниците на државата и „Анго“.
Сиве овие години, проектот живееше главно на хартија.
БИРН имаше увид во четири судски пресуди и решенија, како и во деталната кореспонденција меѓу институциите поврзани со паркиралиштето. Тие документи портретираат пример како може законски да се покрие неизвршување на обврските за деценија подоцна истото парче земја, без изградена гаража, само да добие на вредност.
„Анго“, долго по 2014 година, кога ја добила градежната дозвола, на терен не работела речиси ништо.
Првите градежни активности околу гаражата од фирмата ги направиле во 2016 година, само три дена пред да истече двегодишниот законски рок, во кој морало да стартуваат со градење. Тогаш, преку електронски систем, информирале дека почнуваат со работа.
Следните денови копале со багер, отстранувале шут и донеле градежни материјали.
Градењето не траело долго, веќе во ноември 2016 година, „Анго“ утврдиле дека под плацот минуваат цевки од градското парно врз кои не може да се работи. Планот бил да се продолжи со активностите по грејната сезона.
Рокови и пенали
Во Законот за градба се предвидува рок од десет години да биде изграден објектот. БИРН имаше увид во договорот меѓу Министерството за транспорт и врски и „Анго“ и трите анекси.
Во негo се предвидува, ако не ја изгради за десет години, да плаќаат прогресивни парични казни секоја година. Еден од анексите, склучен во 2015 година, предвидува зголемување на рокот на изградба од шест на десет години.
Поминале повеќе грејни сезони и ништо не се случило.
Инвеститорот дури во летото 2018 година, четири години по дозволата за градење, почнува да прибира понуди за дислокација на вреловодната мрежа.
Тогаш го информирале Собранието дека за 60 дена ќе почнат да градат.
Меѓутоа, таа година, есента, се вклучува Општина Центар и им ја одзема градежната дозвола, користејќи го аргументот дека фирмата заостанува зад рокот за почеток на градба.
Општинскиот инспектор, на самото место не забележал градежна активност, туку само мал ископ што бил израмнет.
…