Кинески план во 12 точки – мир, замрзнување на конфликтот или…

 

Сега и официјално, кинескиот претседател му го врачи на својот домаќин, сега веќе и меѓународно правно потврден воен злосторник, кој го дочека во раскошните царски одаи во Кремљ.

Мировниот план на Џинпинг

Кинескиот план, во кратки црти се состои во следното:

  1. Почитување на суверенитетот на сите земји.
  2. Напуштање на менталитетот на Студената војна.
  3. Прекин на непријателствата.
  4. Продолжување на мировните преговори.
  5. Решавање на хуманитарната криза.
  6. Заштита на цивилите и воените заробеници.
  7. Одржување на безбедноста на нуклеарните централи.
  8. Намалување на стратешките ризици.
  9. Олеснување на извозот на жито.
  10. Запирање на едностраните санкции.
  11. Одржување на стабилноста на индустријата и синџирите на снабдување.
  12. Промовирање на постконфликтната реконструкција.

Руските евтини „мировни“ трикови

Дали ова е прв мировен план? Не. Русија, од самиот почеток на украинската контраофанзива во август, 2022 година, почна со непристојни предлози што ги нарекуваше „мировни“. Воениот злосторник од Кремљ и неговите соработници бараа статус кво ситуација во која Русија ќе ги задржи териториите што веќе ги окупирала руската солдатеска.

„Секој обид за „замрзнување на конфликтот“, одолговлекување, „прекин на огнот“ ќе значи едно – недовршена војна што тлее во срцето на Европа и постојана ерозија на темелите на глобалната безбедност. Извлечете правилни заклучоци и не користете го зборот „мир“ во ру-интереси“, напиша советникот Михајло Подолјак.

Кратко. Јасно. Точно.

Пред почетокот на украинската ослободителна офанзива околу четвртина од територијата на суверена Украина беше окупирана. Во декември, првиот руски дипломат, Сергеј Лавров и портпаролот на Путин, Дмитриј Песков, во одделни изјави рекоа дека сакаат мир, но под услов да ги задржат анектираните Крим и самопрогласените „народни републики“ во Донбас, што е целосно спротивно на меѓународното право.

Да не се работеше за трагична и разурнувачка војна, тоа ќе беше само уште една комична епизода на недоветни политичари, во стилот на Монти Пајтон. Најмалку што може да се каже за „мировните“ идеи на руската злосторничка банда од Кремљ е дека се евтини трикови.

Мировниот план на Зеленски

Украинскиот претседател, Володимир Зеленски, одговори на сите руски „планови за мир“ со разумен и достоинствен план во 10 точки.

  1. Радијациона и нуклеарна безбедност, фокус на враќање на безбедноста на најголемата нуклеарна централа во Европа, Запорижја во Украина, која сега е окупирана од Русија.
  2. Безбедност на храната, вклучително и заштита и обезбедување на извоз на жито од Украина во најсиромашните нации во светот.
  3. Енергетската безбедност, со фокус на ценовните ограничувања на руските енергетски ресурси, како и помош на Украина во обновувањето на нејзината енергетска инфраструктура, од која половина е оштетена од руските напади.
  4. Ослободување на сите затвореници и депортирани, вклучително и воени затвореници и деца депортирани во Русија.
  5. Враќањето на територијалниот интегритет на Украина и потврда од Русија за тоа, според Повелбата на ОН.
  6. Повлекување на руските трупи и прекин на непријателствата, обновување на државните граници на Украина со Русија.
  7. Правда, вклучително и формирање на специјален суд за гонење на руските воени злосторства.
  8. Превенција од екоцид и заштита на животната средина, со фокус на деминирање и обновување на капацитетите за снабдување со вода.
  9. Спречување на ескалацијата на конфликтот и градење безбедносна архитектура во евроатлантскиот простор, вклучително и гаранции за Украина.
  10. Потврда за крајот на војната, вклучително и документ потпишан од инволвираните страни.

Ова е вистински мировен план. Без оглед на тоа, мудриот украински претседател е спремен да разговара со Џинпинг. Тој ги држи вратите за кинескиот претседател отворени.

Џинпинг, кој доаѓа од држава стара повеќе од 4.000 години, можеби треба барем да одглуми неутралност, па да ја сослуша и втората страна – нападнатата Украина. Досега, колку што е познато, тој разговара само со својот „драг пријател“, злосторникот Путин.

Во што е главната разлика меѓу кинескиот и украинскиот мировен план?

Главната разлика се состои во тоа што во кинескиот план не се предвидува повлекување на рускиот агресор зад меѓународно признатите граници на независна и суверена Украина, од пред првата руска инвазија во 2014 година. Кинескиот план е декларативен и нема конкретни чекори со кои може да се спроведат ставовите поставени во документот.

Воедно, кинескиот план, всушност, повеќе изгледа како обид Кина да се наметне како рамноправен и одговорен партнер во обликувањето на новиот светски поредок во кој Кина ќе ја има главната улога или, барем втората главна улога (по САД).

За „неутралноста“ на Кина може да се прочита кратката анализа Џинпинг, Путин и Студената војна 2.0 во која се опишани кинеските позиции. И мотиви.

Најинтересна е точка 2 од кинескиот „мировен план“ во која се бара „напуштање на менталитетот на Студената војна“. Тоа, всушност, нема врска со руската воена агресија, ниту со Украина, туку се однесува на односите меѓу Кина и Западот. Тоа ја открива болната точка на кинеската политика. Нема врска со војната, ниту со мирот. Се работи за амбициите – финансиски, политички и безбедносни – на кинескиот естаблишмент.

Добредојдовте во Студената војна 2.0.

Џабир Дерала

Back to top button
Close