Клисарова: Предимензионирано во јавноста е дека е даван физиолошки раствор наместо терапија, но тоа треба да го утврди истрагата

Одговорно тврдам дека во 2023 година веќе не се случува набавување лекови со надминување на условениот буџет, што беше сериозна забелешка, и не се земаат повеќе ниту лекови на реверс, изјави д-р Виолета Клисарова, в.д. медицински директор на Онкологија на сведочењето пред Анкетната комисија во Собранието.

-Проблемите на нашата Клиника со ваквата група на лекови кои спаѓаат под условен буџет настанува кога во 2019 година, со првиот двегодишен тендер реализиран од Министерството за здравство, влегуваат во симболична количина која била недоволна ни за една година, а тендерот бил за две години. Тука е најтешкиот дел, кога вие имате исклучително мала количина на лекови и сте доведени во ситуација да правите одредени селекции на пациенти од вакви економски причини, рече д-р Клисарова.

Рече дека „извор на проблемите“ на нивната Клиника е кога е внесен условениот буџет кој се однесува на лекови кои не се на позитивната листа иако, рече, внесувањето на овие лекови за третман во нашата држава е за поздрав заради поквалитетната услуга на болните за тие да не бидат оставени само на стандардната хемотерапија.

-Проблемот е што откога постои условениот буџет, ние како Клиника сме биле буквално условени со одредена количина и префрлена е тежината на Клиниката, таа да успее некако да ги изменаџира тие условени количини и тие лекови само за пациенти колку што ќе ви биде одобрено. Тука настанува изворот на проблемот, зашто вие ќе имате поголем број на пациенти што треба да ги вклучите, а сте условени со одредена количина односно финансии. Затоа сметам дека решение на проблемот е позитивната листа на лекови и тука тежината треба да се префрли на државата, а да не се условува самата Клиника. Ќе се задолжи државата и ќе треба да има лек за секого, а нема да има потреба во тој случај ни од рационалност, ни од онколошки конзилиум дали одлучил исправно или некаде потфрлил и можеби донел не баш издржана одлука. Се надевам дека во тој дел ќе ни се помогне, истакна д-р Клисарова.

Потврди дека Онкологија издавала терапија за пациенти да ја примат во друга институција, на пример во приватна здравствена установа заради подобри услови, но од нејзиното назначување побарала да се запре таа практика.

На прашањето зошто д-р Никола Васев, ексдиректор на Онкологија кој е под истрага за скандалот на Онкологија учествува во онколошкиот конзилиум, таа рече дека немаат судско извршно решение тој да биде отстранет од работните процеси, а во однос на прашањето дали и сега се случуваат злоупотреби и продажба на биолошка терапија, побара тоа прашање да и биде поставено кога ќе заврши истрагата.

-Не само недостатоците на лекови туку целата ситуација на Клиниката ме става и како човек, и како лекар, и како медицински директор под голема морална одговорност. Сум помислила јасно и гласно тоа да го изразам, но со оглед на истрагата, сметам дека не е пожелно во овој момент, рече Клисарова која на сведочењето се расплака и беше дадена кратка пауза.

Според неа, „предимензионирано во јавноста“ е дека на пациентите им е даван физиолошки раствор наместо терапија и дека тоа е недозволиво.

-Сакам да мислам и да верувам дека тоа е предимензионирано, но за тоа ќе оставиме на истрагата да си го каже своето, рече директорката на Клиниката за радиотерапија и онкологија.

Во однос на КАТО-системот, одговори дека Клиниката не е во состојба сама да ги обезбеди средствата за негово повторно ставање во функција и дека добиле ветување од Министерството за здравство да им се помогне.

-Тоа е за поздрав, но само со целосно имплементирање на системот. Не е прифатливо повторно импровизирано пуштање на оној начин на кој работел одреден период, додаде д-р Клисарова.

Пратеникот Антонијо Милошоски рече дека „директор во сенка“ на Клиниката е д-р Снежана Смичкова која е дел од онколошкиот конзилиум и дека таа и обезбедува доминација на веледрогеријата „Пановски“ во набавката на лекови како невенчана партнерка на нејзиниот сопственик. Смета дека системот не можат да го сменат ни директорите на Онкологија зашто се немоќни тоа да го променат.

-Доколку не се воведе поголема конкуренција со квалитетни лекови и додека ние во клиниките имаме невенчани партнерки на сопственици на веледрогерии, ние ќе имаме прескапи лекови, преголем профит, директори и министри кои ќе бидат во искушение да земат или да не земат провизија и ќе имаме скандали на секои пет, шест или седум години ако бидат откриени, рече Милошоски.

Back to top button
Close