Книга за Еуростандард банка

Почитувани читатели, во денешната колумна, редовно посветена на стечајот на Еуростандард банка, ве информирам дека наредниве денови ќе биде отпечатена и промовирана книгата колумни напишани за голготата со Еуростандард банка.

Во книгата ќе бидат објавени сите мои колумни поврзани со стечајот на Еуростандард банка, објавувани изминативе 40 месеци.

Книгата ќе ја издадам водејќи се од постулатите дека пишаната и отпечатена книга остава длабоки траги за суштината која ги обликува нашите животи.

Историјата и историското богатство се темелат на многу нешта како архитектура, традиција, култура и напишани мисли со зборови.

Во дамнешните времиња папирусот и напишаните мисли биле синоним за спознавање на животот на цивилизацијата пред илјадници години наназад. Да не биле сочувани низ историјата ние денеска ќе бевме сиромашни со знаења. Благодарение на Гутенбергеровата печатница светот се збогатува со библиотеки. Хартијата која ,,трпи сѐ” ни дава можност за оставање траги.

Воден од неправдата, направена врз мене и моето семејство, токму во мојата сакана Република Македонија, се решив да оставам трајни траги за нештата кои за жал стануваат атрибути на нашата убава земја, предводена од луѓе кои не знаат за чесност, почит и морал.

Во мојата нова книга, напишана на македонски јазик, ќе прочитате за трагите на криминалот во Македонија. Мојата мисија е да ги разбудам сограѓаните и институциите со кои го споделувам секојдневието, да разберат дека за злосторствата не смее да се молчи и дека секое злосторство мора да се казни. Со мојата книга ќе биде запознаена пошироката јавноста во Република Македонија. Доколку книгата не предизвика интерес кај нашите институции, тогаш истата ќе биде преведена и отпечатена на сите светски јазици (англиски, руски, кинески, арапски и индиски) за да му покажам на светот дека во Македонија не владее правдата.

Без правда и праведно општество не можеме да градиме дом за нашите денешни и идни генерации.

Текстовите во колумните ја обзнануваат сета нелогичност во постапките за носење на еден правен субјект, во случајов банка, која што претставува сегмент во нашето секојдневно општествено битисување. Мора да му ставиме крај на злосторството. Во спротивно, ако молчиме ќе биде загрозена иднината, на нас граѓаните кои денес живееме во Република Македонија, како и на генерациите кои ќе доаѓаат после нас.

Сакам да ја анимирам јавноста дека, за нештата кои треба да ни овозможат достоинствен живот и иднина, мора да се бориме.

Борбата по вокација има многу различни приоди. Јас во моментов мојата борба ја водам со перо во рака и со аргументи кои секоја седмица ги изнесувам пред вас.

Промоцијата на книгата би сакал да се случи на 14 февруар 2024, ден кој православните христијани го чествуваат како Свети Трифун, чие име, благодарение на моите кумови на прадедовците го носам името.

Промотор на ова мое дело ќе биде професорот Венко Андоновски, еден и единствен меѓу нас живите сограѓани, чија силина на зборот може да го кутне и најголемиот непријател.

Ни преостануваат денови кога мораме да го организираме овој настан чија цел е содржината на книгата да допре до секој чесен сограѓанин кој си го сака семејството, пријателите, општеството и државата.

Ова е моја лична желба, денот на промоцијата да биде на 14 февруар. Доколку дојде до промена на овој ден додатно ќе бидете информирани.

Поентата на оваа промоција е да се укаже на сите аномалии во нашето секојдневие, почнувајќи од Собрание на РМ, како највисока институција во нашиот демократски систем во нашава држава, влада на РМ, Основното јавно обвинителство и судството.

Посебен акцент ќе биде ставен на местото и улогата на Народна банка која во дадениов случај ја одигра улогата на егзекутор. Молкот на сите погоре наведени институции и егзекуторот Народна банка мора да бидат санкционирани.

Мојата борба продолжува со моето перо во рака. Го молам господ да не ме стави во искушение правдата да ја барам на друг начин. Амин!

Трифун Костовски

Back to top button
Close