Кој кого прв ќе уапси

Имајќи ја предвид авторитарната традиција на земјата, на Македонија ќе и требаат неколку генерации пред да ја совлада вештината на демократското владеење. Ова беше констатацијата на професорите од Запад кои ни доаѓаа на посета пред триесет години кога се прогласивме за демократска држава. Поаѓајќи од фактот дека дваесет години се сметаат за една генерација, зад нас имаме едвај генерација и половина демократско искуство, Не чека долг пат до пристојно општество со разработени механизми за контрола и отчетност на власта, во кое сите политички фактори се обединети околу демократските принципи и вредности. И околу пристојноста. Сите ние знаеме како изгледа доброто владеење од примерите на развиените демократски земји. За жал, таквата демократска состојба не може да се прогласи кај нас без оглед што ги препишуваме европските закони. Нашата политика е проекција на нас самите и се додека самите не се промениме, нашата политика ќе остане иста. Како ќе стасаме до едно цивилизирано демократско владеење? Како ќе се промениме? Еве како. „Или министерот за внатрешни ќе ве уапси вас или вие ќе го уапсите него“, му вели егзалтираниот новинар на шефот на опозициската партија, и заклучува :„Друг излез нема“. Очигледно жалејќи што ја нема власта која би му овозможила прв да уапси, шефот на опозицијата сепак наговестува дека, уапсен или не тој самиот, ќе апси кога ќе му дојде редот. Тоа кај нас стана толку нормално што потенцијалниот премиер не се ни обиде да укаже дека во една демократија една влада не апси друга влада туку е тоа работа на независното судство врз кое политиката не смее да има влијание.
Од каде таков однос кон политичките опоненти? Одтаму што во македонскиот политички систем има само непријатели кон кои слободно се употребува најпогрдната лексика како свевидна подготовка за апсење. Никако да се цивилизираме. Британците, уште пред неколку столетија, направиле попис на зборови, наречени „непарламентарен јазик“, со кои политичарите не смеат да ги ословуваат потитичките ривали: „предавник“, „лажго“ , „хипокрит“, „идиот“, „кукавица“, „свиња“се на една поширока листа на зборови. Згора на тоа, смислена е и задолжителна употреба на изразот „праведниот и чесен џентлмен“кога се ословува опонентот во парламентот. Замислете ја таа комбинација на зборови во нашиот парламент: „праведниот и чесен господин“ тој и тој е мафијаш, предавник или свиња. Не, ние не дозволуваме да ни се ограничи слободата на говор со некакви пристојности. Во нашата комуникација не постојат такви бариери па во интервјуто, шефот на опозицијата ги нарече претставниците на највисоката извршна власт „мафија“. Власта, за да не остане покусо ја употребува истата терминологија кон опозицијата. Пратениците се дамна дел од таквиот дискурс а новинарите и интелектуалците чекорат во ритамот на парадата на невкус и примитивизам која никако да запре еве веќе триесет години.
Затоа, на крајот од денот, додека цел свет си посакува „Добра ноќ“, ние си посакуваме кошмари: „Заспиј ако можеш“.

Денко Малески

Back to top button
Close