Кој сѐ може да се „протне“ низ балканската рута?

Има ли опасност балканската рута да донесе радикални и терористички закани за Европа, особено по настаните во Израел, кои резултираа со тоа повеќе европски земји да ги вратат граничните контроли?

Темата за Балканот како потенцијален инкубатор на терористичка закана за Европа, поради балканската рута по која илегални мигранти стигнуваат до Европа, ја актуелизираше италијанскиот весник „Ил Темпо”, повикувајќи се на италијанското разузнавање. Предупредувањето на службата од посочената опасност не е ново, датира од пред две години, но се однесува на податокот дека војната во Сирија „произвела” речиси 1.000 борци кои ги напуштиле балканските земји за да се приклучат на Исламска држава. Од нив околу 45 отсто се вратиле дома и сѐ уште се причина за загриженост дека би можеле да шират верски радикализам. Вниманието е насочено кон тоа – дали тие претставуваат можни вектори на ризик за европската и италијанската безбедност.

Медиумот ги наведува и информациите од Институтот за меѓународни политички истражување, според кои во 2015 година најмалку 20 терористички ќелии активни во регрутирање и обука на странски борци биле идентификувани на Балканот – во Косово, Босна и Херцеговина, Република Северна Македонија, Србија, Црна Гора и Албанија. Според анализите на европските разузнавачки служби, таа бројка била непроменета.

Како се оценуваат ваквите закани во РСМ?

„Сите случувања кои на геостратешко ниво предизвикуваат некакви поместувања сериозно влијаат на безбедносната состојба, и на регионот“, оцени министерот Спасовски минатата недела.

„Мора да бидеме многу внимателни, да работат консолидирано сите безбедносни служби. Се анализираат сите активности, во постојана комуникација се и Агенцијата за национална безбедност, и Агенцијата за разузнавање заедно со МВР, сѐ со цел да ја сочуваме безбедноста на нашите граѓани и државата, меѓутоа и да влијаеме на стабилноста и безбедноста во регионот. Знаете дека во Република Северна Македонија и досега сме имале такви предизвици, кога станува збор за насилниот екстремизам, радикализам, тероризам, со којшто успешно се справувале безбедносните служби. Тоа го правиме и сега, во континуитет“, рече министерот Спасовски во емисијата „Трилинг“.

Како што е познато, во септември 2020 година беше уапсена тричлена терористичка група, која била создадена една година претходно, а организирала набавка на поголема количина оружје и експлозивни материјали со цел да ги употреби за терористички напади на повеќе витални објекти во земјата. МВР тогаш соопшти дека трите лица се рецидивисти, кои претходно биле осудени и издржале казна затвор за сторено кривично дело „Учество во странска војска, полиција паравоени или параполициски формации“. Оружјето и опремата ги криеле и складирале во близина на локален пат во Кумановско. Беа обвинети за „терористичка организација“ и „тероризам“.

Според експертите, повратниците најчесто се враќаат во средини што им се блиски, во кои имаат познаници, пријатели и контакти, што значи дека тие места треба први да бидат опфатени со активности на надлежните служби, бидејќи истите места најчесто стануваат и база за нов синџир на регрутирање.

Северна Македонија на 18-ти јули 2021 година репатрираше 23 нејзини граѓани, кои последните неколку години ги поминале на боиштата во Сирија и Ирак. Од вкупно 23 лица, четири требаше да се соочат со судење, а од останатите беа 5 жени и 14 деца. Процесот беше спроведен согласно со обврските на државата според меѓународното право, човековите права и меѓународните хуманитарни права.

Според последните податоци, казна затвор за кривичните дела тероризам и учество во странска војска издржуваат најмалку 15 лица. Предизвик за надлежните е – од една страна внимателно да се следи нивното однесување со цел да се спречи криминална инфекција на други затвореници со радикализам, а од друга страна – тие да бидат вклучени во проекти за ресоцијализација.

Како што посочуваат безбедносни експерти, за да може лицата успешно да го остават минатото зад себе, ним мора да им се понуди остварлива алтернатива, односно успешна ресоцијализација која вклучува „деконструкција на екстремистичкиот, и конструкција на неекстремистичкиот контекст“. Во многу случаи таква ресоцијализација е нужна и за околината/средините каде што живееле пред да се радикализираат.

 

Балкански лавови

Сепак, поголемата обврска на институциите е да го следат она што се случува „на отворено“. Особено, по податоците за една посебна екстремистичка група на Балкaнот.

„Суштинските карактеристики на џихадизмот на Балканот се определуваат од транснационални и меѓуетнички мрежи, кои честопати имаат европски врски, а меѓу кои треба да се истакне т.н. организација „Лавови на Балканот“. Посочената мрежа претставува елемент од стратегијата на ИД, насочена кон зајакнување на нејзините периферни ограноци со цел преземање офанзивни дејства“, наведува „Ил темпо“ повикувајќи се на разузнавачите.

Мигрантски рути кои минуваат низ Балканот

Според нив, постои конкретен ризик тие радикализирани елементи да навлезат во Европа или да ја олеснат пенетрацијата на ризични лица во Европа преку балканската рута. Во 2022 година балканската миграциска рута ја поминале околу 145.600 луѓе, а во првите осум месеци од 2023 година, според податоците на Фронтекс, преку неа поминале 52.200 илегални мигранти.

  (dw)

Back to top button
Close