Кој влезе во новото раководство на СДСМ

Директорот на ФЗОМ Стево Крстевски, Никица Бачовски, директор на Платежната агенција, Диме Коцев, директор на болницата во Кавадарци… се некои од новите членови на Централниот одбор на СДСМ што е избран попладнево, според информации на „360 степени“ од партијата.

Од актуелните градоначалници, според информациите, во ЦО е избран и Стефан Богоев од Карпош, како и градоначалникот на Валандово, Перо Костадинов…

Од членовите на Владата, во ЦО како нови членови влегуваат вицепремиерот Фатмир Битиќи и министерот за здравство Венко Филипче, кои се споменуваат и како можни нови потпретседатели. Во ЦО остануваат и министерката за образовани Мила Царовска и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, како и Благој Бочварски, министерот за транспорт и врски … Член на ЦО ќе биде и заменик-министерот за финансии Димитар Ковачевски.

Од пратениците, извесен е изборот на Костадин Костадинов за член на ЦО. Во раководството на СДСМ останува и поранешната пратеничка Тања Томиќ…

Како што велат од партијата, 45 од вкупно 120 членови на ЦО се од редовите на младината. Исто така, како што се тврди, се внимавало и на етничката застапеност, така што во ЦО на СДСМ сега има најмалку девет Албанци, како и сите други етнички заедници во земјава.

Предмалку, во партиското седиште на „Бихаќска“, почна првата седница на новиот ЦО, на која треба да биде избран новиот состав на Извршниот одбор, како и новите (или старо-нови) потпретседатели и секретари на владејачката партија.

Во новиот состав на Надзорниот одбор на СДСМ, пак останува досегашниот претседател на ова тело, Горан Сугарески, кој е сега директор на Царинската управа. Меѓу новите членови на НО се Викторија Мадиќ и Бајрам Мустафов…

 

Back to top button
Close